Барањето за екстрадиција на Алил Демири од 2018 година е сѐ уште активна, информираат од Министерството за правда во врска со екстрадицијата на Демири, за кој косовските медиуми објавија дека беше уапсен вчера врз основа на издадена меѓународна потерница за сторено кривично дело „тероризам” во врска со петкратното грозоморно убиство кај Смилковското Езеро.
Косовски медиуми во меѓувреме наведоа дека Демири е ослободен, повикувајќи се на изјава на неговиот адвокат. Министерството за правда, пак, за МИА информира дека до овој момент нема добиено официјална информација дека Демири е ослободен.
Косовската полиција во соработка со македонската, вчера во Косово го лиши од слобода Алил Демири (38) врз основа на издадена меѓународна потерница од МВР на Македонија, баран врз основа на наредба на Oсновниот суд Скопје 1, за сторено кривично дело „тероризам” предвидено по член 394 од Кривичен закон, во врска со петкратното грозоморно убиство кај Смилковското Езеро.
Откако денеска во медиумите се појавија наводи дека Демири бил ослободен бидејќи обвинителството се откажало од барање на притвор, МИА побара став од Министерството за правда, од каде информираа дека до овој момент немаат добиено официјална информација дека Демири е ослободен.
Косовскиот адвокат Бесник Бериша денеска изјави дека судот во Приштина го ослободил неговиот клиент Алил Демири, осудениот на доживотен затвор во Северна Македонија за кривичното дело „тероризам“ за петкратното убиство кај Смилковско езеро во 2012 година, јави дописникот на МИА од Приштина.
Бериша за порталот „Сињали“ (sinjali.com) изјавил дека надлежниот обвинител во случајот го повлекол барањето за изрекување мерка притвор, така што Демири, кој вчера беше уапсен од косовската полиција, врз основа на меѓународна потерница распишана од македонското МВР, веќе е пуштен на слобода.
Од Министерството за правда велат дека одговорен за натамошната постапка сега е надлежниот суд, а одговор за екстрадицијата од 2018 година не е добиен.
– За лицето Алил Демири побарани се две екстрадиции. Прв пат од Република Косово е побарана екстрадиција на 15.3.2013 година. Барањето за екстрадиција беше одбиено со пресуда на Основниот суд во Приштина од октомври 2015 година, потврдено и од Апелациониот суд на Косово јануари 2016 година. За Демири има официјален одговор од Косово во февруари 2016 година. Екстрадиција повторно е побарана на 5.9.2018 година. Во постапките, сѐ што беше побарано од косовските власти беше доставено. Одговор за екстрадицијата од 2018 не е добиен, соопштуваат од Министерството за правда, дополнувајќи дека екстрадицијата од 2018 година е сѐ уште активна.
За истиот портал, Бериша синоќа изјави дека Демири не може да се екстрадира во Македонија, бидејќи барањето на македонските власти е одбиено од косовските судови во две инстанци.
За петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.