Учебници за учениците ќе има. За време на летниот период годинава Министерството за образование и наука успеа сите одобрени учебници да ги испечати и до 1 септември тие ќе бидат испорачани до училиштата и на располагање на учениците. Еден мал дел учебници, кои не се испечатени, всушност сé уште се во постапка, односно за нивно одобрување одлучува Националната комисија за учебници, по што и тие ќе бидат испечатени и испорачани – соопшти Министерството за образование и наука.
Во меѓувреме, на располагање ќе бидат помошни материјали за ученици и прирачници за наставници кои, како што наведува, ќе ја збогатат наставата. Тие се изработени од Бирото за развој на образованието и ќе бидат достапни само во електронска форма на веб-страницата на Бирото. Постои и можност секое училиште на своја иницијатива, индивидуално да одлучи да ги испечати.
-По однос на интегрирањето предмети, јавноста знае дека овој процес не е нов, се спроведува десетина години наназад и како резултат од него е произлезен предметот Природни науки, за кој досега никогаш немало реакции. Интегрирањето на предмети не предвидува укинување содржини. Историја, географија, биологија, хемија, физика и натаму ќе бидат дел од науките што ќе бидат соодветно застапени во наставниот план за основно образование, а ќе ги предаваат наставниците што и досега ги предаваа овие предмети. Секој наставен предмет ќе има повеќе модули што ќе овозможат ученикот да ја изучува наставната содржина од повеќе аспекти, односно да добие поцелосна слика за одредена случка, процес, состојба и слично. Транспарентно, во многу наврати досега, информиравме на кој начин ќе се предаваат овие интегрирани содржини – информира МОН.
Нагласува дека ниту еден наставник нема да остане без работа, без часови, поради воведувањето на новите интегрирани наставни програми. Бројот на часови ќе биде идентичен како и порано.
-Она што го воведуваме со новите програми е новиот пристап, базиран на искуствено учење, на поврзување на она што се учи со реалноста, на учење преку експерименти, развивање на критичко мислење. Како поддршка на наставниците и на учениците во реализацијата на новите програми се новите кабинети по природни науки, опремени од страна на МОН со поддршка на Светска банка минатата година, како и новите наставни и нагледни средства за предметите од групата на општествени науки, како Историја и Географија, набавени годинава – посочува МОН.
За сите новини во основното образование, МОН додава дека обезбедува и директна поддршка за наставниците и за стручниот кадар во училиштата со цел правилна имплементација.
-Па така, континуирано организираме обуки за наставниот кадар на различни теми кои се од интерес за нивното работење. Даваме можност преку креиран каталог со 26 акредитирани програми (22 за наставници и четири за стручни соработници), секој самостојно да избере кој тип на лични компетенции ќе ги надгради. Колку за информација, само во периодот од октомври до декември 2022 година, на околу 600 обуки присуствуваа над 14 илјади наставници и 800 стручни соработници. Додека во периодот од јуни до крајот на овој месец на обуките учествуваат 17 200 наставници и 1100 стручни соработници – додава МОН.
Големо олеснување за наставниците, нагласува Министерството, ќе биде воведувањето на новиот електронски дневник кој, како што наведува, „треба да ги надмине предизвиците на кои тие укажуваа досега“. Софтверското решение е веќе изготвено, со поддршка од ИПА-фондовите на ЕУ и е во фаза на тестирање, по што ќе биде воведен како пилот-проект во одреден број училишта до конечно имплементирање во сите училишта во државата.
МОН соопшти и дека ќе продолжи да ја имплементира Концепцијата за основно образование, како што пишува „и покрај обидите на одредени политички чинители да го поткопаат процесот на реформирање“.
-Две фази се веќе успешно спроведени, следува третата која ги опфаќа трето и шесто одделение, а следната година и останатите, погорни одделенија – седмо, осмо и деветто. МОН прави анализа на успешноста на промените во секоја фаза и секако дека постои простор за надградување на целиот процес, а политичките и сите други субјекти имаат можност да дадат своја конструктивна сугестија, иако многумина од актуелните дежурни критичари на сè што сега се прави во образованието, имаа можност во изминатиот период да го подобрат образованието. Квалитетно образование не се достигнува преку ноќ, тоа е процес во кој со свој придонес се вградуваат сите добронамерни чинители – истакнува МОН.
Министерството за образование и наука во соопштението ги повика политичките субјекти кои, како што наведува „сакаат да дадат придонес кон унапредувањето на квалитетот на националниот образовен систем“, тоа да го прават со конструктивни сугестии наместо со „неосновани критики и ширење дезинформации“.
– Како институција сме отворени за соработка со секој добронамерен општествен чинител кој мисли добро на државата и нејзината иднина. Во време кога се спроведува најкрупната образовна реформа во државата, преку Концепција која е резултат на инклузивен пристап со учество и согласност на сите засегнати страни, не е потребно креирање невистини само за да се создадат непотребни грижи кај учениците и семејствата на учениците, околу тоа дали институциите и образовните установи се подготвени за успешен почеток и тек на учебната година – додава МОН во соопштението.