Лидерите на БРИКС ја усвоија завршната декларација на 15-от самит во Јоханесбург, во која ги поканија Саудиска Арабија, Иран, Етиопија, Египет, Аргентина и Обединетите Арапски Емирати да се приклучат на организацијата, пренесе „Танјуг“.
Проширувањето, кое има за цел да го зголеми влијанието на блокот, кој моментално го сочинуваат Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка, исто така може да го отвори патот за десетици заинтересирани земји кои бараат прием во БРИКС.
Ова би ги поддржало напорите на Пекинг и Москва да го претворат во одржлив противтежа на Западот, оценува „Ројтерс“.
Јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса, кој е домаќин на самитот на лидерите на БРИКС, денеска објави дека новите кандидати ќе бидат примени за членство на 1 јануари 2024 година.
Тој додаде дека приемот на нови членови е првата фаза од проширувањето на петте.
Рамафоса најави дека лидерите на оваа економска алијанса ја усвоиле завршната декларација на 15. самит и посочи дека БРИКС е многу загрижен за конфликтите во светот и дека се залага за мирно решение преку дијалог.
Тој привлече внимание и на потребата да се користат националните валути во пресметките.
– Ова е глобален момент за користење локални валути, алтернативни финансиски процедури и алтернативни системи за плаќање – рече Рамафоса, пренесе „РИА Новости“.
Тој објасни дека лидерите им дале задача на министрите за финансии на нивните земји да работат на овие прашања.
Според претседателот на Јужна Африка, БРИКС е подготвен да бара можности за подобрување на стабилноста, доверливоста и фер и праведни односи во глобалната финансиска архитектура.
Според „Ројтерс“ дебатата за проширување беше на врвот на агендата на тридневниот самит во Јоханесбург, и додека сите членки на БРИКС јавно изразија поддршка за проширување на блокот, кој е дом на околу 40 отсто од светското население и четвртина од глобалниот бруто домашен производ, лидерите беа поделени околу тоа колку би требало да биде и во кој временски период.
Повеќе од 40 земји изразија интерес да се приклучат на БРИКС, според јужноафриканските власти, а 22 формално се пријавиле да бидат примени.
Рускиот претседател Владимир Путин денеска им честиташе на новопримените членки на БРИКС, уверувајќи дека Русија ќе продолжи да работи на проширување на влијанието на таа организација во светот.
– Би сакал да им честитам на нашите нови членки кои ќе работат со полна пареа следната година – рече Путин, говорејќи преку видео врска на прес-конференцијата по самитот на БРИКС во Јужна Африка, пренесе „ТАСС“.
Кинескиот претседател Си Џинпинг оцени дека проширувањето на БРИКС ќе му даде нов поттик на механизмот за соработка на групата.
Си рече на самитот во Јоханесбург дека проширувањето ја покажува решеноста на БРИКС да биде обединета и отворена за соработка, објави „Ројтерс“.
Индискиот премиер Нарендра Моди на прес-конференција рече дека вклучувањето на нови членки во БРИКС дополнително ќе ја зајакне организацијата и ќе и даде нов моментум.
– Индија отсекогаш веруваше дека приемот на нови членки дополнително ќе го зајакне БРИКС како организација и ќе даде нов поттик на нашите заеднички напори – рече Моди.
Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва рече дека интересот на новите земји да се приклучат на организацијата БРИКС покажува колку е релевантна аспирацијата на групата да создаде нов светски економски поредок.
– Ќе останеме отворени за нови кандидати – рече Лула на прес-конференција во Јоханесбург, Јужна Африка, пренесе „Ројтерс“.
Обединетите Арапски Емирати и Етиопија денеска ја поздравија одлуката на лидерите на БРИКС да се прошират и да ги поканат овие две земји да се приклучат на економскиот сојуз.
Претседателот на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), шеикот Мохамед бин Зајед ал Нахјан денеска изјави дека го почитува вклучувањето на неговата земја во БРИКС.
– Ја почитуваме визијата на раководството на БРИКС и го цениме вклучувањето на ОАЕ во членството на оваа важна група. Очекуваме континуирана посветеност, соработка за просперитет, достоинство и благосостојба на сите народи и луѓе ширум светот – напиша претседателот на ОАЕ на платформата “Икс“.
Етиопскиот премиер Аби Ахмед денеска во објава на платформата „Икс“ објави дека одлуката на членката на БРИКС да ја покани Етиопија да се приклучи е „важна одлука“ и дека неговата земја сака да соработува за „инклузивен и просперитетен глобален поредок“, пренесе „Ројтерс“.