Фото: ЕПА

Кризата во Судан става во ризик 1,5 милион деца

Поради конфликтот во Судан, 1,5 милион деца се изложени на ризик од глад до септември, објави организацијата „Спасете ги децата“.
Според податоците на невладината организација, во таа источноафриканска земја веќе гладуваат осум милиони деца.
– Невозможно е доволно да се нагласи сериозноста на ситуацијата во Судан. Очајна, страшна криза за децата. Станува збор за милиони луѓе што се исфрлени од своите домови, оставајќи сè зад себе, консумирајќи само еден сиромашен оброк на ден – изјави Ариф Нур, директор на невладината организација „Спасете ги децата“ во Судан.
Бројот на изгладнети деца се зголемува за 17.000 дневно.
Конфликтите во Судан избувнаа пред четири месеци и принудија повеќе од 4,3 милиони луѓе да избегаат од насилството, покажуваат бројките од Агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР), објавени неодамна во Женева.
УНХЦР објави дека повеќе од четири милиони луѓе се раселени во Судан, а 1,1 милион побегнале во соседните земји. Според агенцијата за човекови права на ОН, досега се убиени повеќе од 4.000 луѓе, меѓу кои и стотици цивили.
Во заедничка изјава минатиот вторник, шефовите на 20 агенции на ОН и други хуманитарни организации го критикуваа одговорот на меѓународната заедница на суданската криза.
И покрај насилството, раселувањето и гладот, владите од странство обезбедија само 27 отсто од повеќе од три милијарди долари потребни за помош на Судан и бегалските центри.
Во соопштението на агенцијата се повикуваат и завојуваните страни на итен прекин на конфликтот и заштита на цивилите.
Хуманитарните агенции предупредуваат и дека „нападите врз цивили, грабежот на хуманитарната помош, нападите врз хуманитарните работници, цивилниот имот и инфраструктурата“ се дела што се судат како воени злосторства.