Кај тренерите, номинирани се Пеп Гвардиола, Симоне Инзаги и Лучијано Спалети
УЕФА – ИЗБОР ЗА ФУДБАЛЕР НА СЕЗОНАТА 2022/2023
Фудбалерите Лионел Меси, Кевин де Брујне и Ерлинг Халанд се финалисти за наградата на Европската фудбалска унија (УЕФА) во изборот за најдобар играч за сезоната 2022/2023, соопшти УЕФА.
Тие влегоа во потесниот избор по гласањето на тренерите на клубовите што минатата сезона се натпреваруваа во групната фаза на три европски натпреварувања, потоа селектори на 55 држави-членки на УЕФА, како и новинари. Секој гласач требаше да избере по тројца играчи од списокот на кој фигурираа десет имиња. Кој ќе победи ќе биде познато на 31 август во Монако, кога и ќе се одржи ждрепката за групната фаза во Лигата на шампионите (ЛШ).
Халанд и Де Брујне минатата сезона во дресот на премиерлигашот Манчестер сити го освоија трофејот во ЛШ. Што се однесува до Меси, кој летово се пресели од ПСЖ во Интер Мајами (САД), тој со репрезентацијата на Аргентина триумфира на Светското првенство (СП), единствениот голем трофеј што му недостигаше во неговата богата кариера.
Кај тренерите, пак, се номинирани тренерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, Италијанецот Симоне Инзаги, финалист во ЛШ со Интер, и неговиот сонародник Лучијано Спалети, кој со Наполи стана првак на Италија, но стигна и до четврт-финалето во ЛШ. Г.И.