Фото: Игор Бансколиев

Пратениците во обраќањето од собраниската говорница ги повторија веќе познатите ставови, дека за оние што се во власта ова е шанса за брзо интегрирање на земјата во ЕУ, додека за оние од опозицијата можност да се спречи дополнителна штета врз националните интереси

Почна и прекина собраниската седница за уставните измени

По едногодишно натегање околу периодот кога ќе започне процедурата за уставни измени во земјава, со кои треба да се впишат и Бугарите во македонскиот устав, конечно вчера со едночасовно доцнење започна собраниската седница за уставни измени.
Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Македонија, по предлог на Владата, беше ставен на дневен ред и доби поддршка од 70 пратеници, но со оглед дека измените на Уставот може да се направат со двотретинско мнозинство, тоа значи дека власта и натаму нема 10 пратеници за да ги протурка во уставните измени и ќе се обидува во следниот период да дојде до потребното мнозинство.

Ковачевски: Нема да има ново вето

Пред пратениците прв се обрати премиерот Димитар Ковачевски, кој ја образложи потребата да се пристапи кон промена на Уставот.
– Во основа на оваа иницијатива за измена на Уставот е највисокиот државен приоритет, интеграција во Европската Унија, која е нашиот механизам за да се подобриме, но и да се зачуваат нашиот идентитет и самостојност – рече Ковачевски во обраќањето.
Тој уште еднаш повика да се прифатат измените за влез на Македонија во ЕУ ако земјава сака да стане полноправна членка на Унијата до 2030 година.
– Предлогот за измена на Уставот е наш, македонски, напишан во Скопје, базиран на францускиот договор од 2022 година. Затоа отфрлам лаги дека е под нечиј диктат. Предлогот е поддржан од ЕУ и од НАТО. На македонски јазик се пишува во Брисел, зад нас застанаа најголемите и најпочитувани држави. ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата го плашат народот со катастрофи, а се работи само за додавање по босанскиот, на бугарскиот, хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египќанскиот народ. Нема да се загрози и релативизира македонскиот народ. Уставните измени не загрозуваат ниту едно идентитетско прашање на Македонците – истакна Ковачевски, притоа појаснувајќи дека денеска е денот кога ќе се види кој е за ЕУ, а кој не.
Тој уште образложи зошто Македонија мора да чекори по патот кон ЕУ, истакнувајќи дека нема да има ново вето.
– Нови барања нема, а билатералните прашања не се пречка и нема да бидат понатаму поврзани со исполнување на заедничките стандарди. Со исполнување на преземените обврски од европскиот предлог лани, цврсто знаеме дека ново вето, од кого било и за што било, нема да има – истакна Ковачевски.
Според него, Унијата со стотици милиони евра е најголемиот донатор во Македонија и тоа е уште една причина зошто мора да се движиме кон остварување на стратегиската цел на земјава.
– Младите не се иселуваат поради Уставот. Тие не легнуваат и не стануваат со мисла за Уставот, туку со желба да порасне стандардот и да се живее поубаво и побогато во Македонија, за да не одат во странство – кажа Ковачевски.

Силјановска: Камбаните овој пат бијат за Македонија!

По обраќањето на премиерот, следуваа обраќања на по еден претставник од секоја политичка партија застапена во Собранието.
– Не може од преамбулата на Уставот да правиме именик, не смее патот кон Брисел за Македонија да води преку Софија, ние ги штитиме и мора да ги штитиме Копенхашките критериуми, зашто ако прифатиме пат во ЕУ со посебни критериуми и преседани, тоа ќе има последици и за следните земји-кандидати. Камбаните овој пат бијат за Македонија! Крајно време е да покажеме дека сме пристојна европска држава и затоа овој предлог нема да го поддржиме. Наместо за уставни измени, треба да зборуваме за предвремени избори, зашто оваа влада целосно се делигитимира – изјави пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска, професорка по право, во собраниската расправа за предлогот за утврдување потреба од измени на Уставот.
Таа говореше за правото на немешање во внатрешните работи, кое е и европско право, ги цитираше принципите од Повелбата на ЕУ во кои тоа се гарантира, како и за заштитата на правата на националните малцинства, културното наследство и етнички идентитет.
Според Силјановска, постојаното менување на Уставот не е европски принцип, туку во случајов на Македонија станува збор за „уставен садо-мазохизам“.
– Што би рекол денеска господин Бадентер, некогашниот претседател на ЕК? Тој уште во 1992 година, кога Уставот уште не беше „изладен“, препорача веднаш да усвоиме еден амандман на Уставот во кој ќе напишеме дека немаме територијални претензии кон соседите, да го смениме знамето и тогаш портите на ЕУ за нас ќе бидат ширум отворени… И така, тоа трае до денес, како во 1.001 ноќ. Ако промената на Уставот беше евроинтегративен фактор, ние денеска ќе претседававме на ЕУ! Не, наметнатите уставни измени не одат рака под рака со европската демократија – порача Силјановска.
Таа уште додаде дека Европската Унија, за да биде вистинска политичка заедница, мора да ги почитува европските вредности, во спротивно нема да биде голема идеја и практика, туку само бирократска машинерија на меѓувладини тела на европските држави.

Митрески: Ќе седиме на големата маса, ние ќе одлучуваме за нас, а не некој друг

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески рече дека уставните измени не загрозуваат ништо, туку дека го отвораат патот кон ЕУ.
– Можеме да се расправаме за многу теми, но за вакви прашања имаме одговорност за иднината и за сите граѓани. Државата мора да оди напред, а неизвесноста да биде сѐпомала. Членството во ЕУ како стратегиска цел оставено од независноста не е случајно поставено. По 17 години во чекалница, 11 години во изолација, минатата година ги започнавме преговорите со ЕУ. Со усвојување на уставните измени го продолжуваме европскиот пат, ова е историска шанса за која имаме силна поддршка од нашите партнери САД и ЕУ – истакна Митрески.
Тој уште додаде дека на овој начин Македонија ќе седи на големата маса и таа ќе одлучува за себе, а не како досега, некој друг да го прави тоа за иднината на оваа земја.
Според него, опозицијата не треба да ја загрозува европската иднина на државата и на граѓаните само заради ситни политички поени.
– Не е чесно да се краде иднината на граѓаните за ситни политички поени и борбата за власт – истакна Митрески.
На крајот на обраќањето уште рече дека младите заслужуваат да живеат во земја-членка на ЕУ, но тука, дома.

Адеми: Ќе бидеме заедно со Македонците на европскиот пат, резервна држава немаме

Координаторот на ДУИ, Арбер Адеми, од говорницата порача да се гласа за уставни измени за добро на сите семејства.
– Македонија е достојна да биде член на европското семејство. Јас сум Албанец и знаеме дека секогаш бевме заедно со Македонците низ предизвиците во минатото. И пак ќе бидеме заедно и на тој европски пат. Држете ме за збор, немаме резервна држава. Затоа ве убедувам дека ќе бидеме со вас во секаков предизвик и подобро ве разбираме од кој било друг. На наша кожа искусивме како е да се негира национален и јазичен идентитет. Такво нешто не посакуваме за кој било друг – рече Адеми.
Тој порача дека секој пратеник треба да покаже храброст во интерес на сите семејства и додаде дека со мудри политики од 2002 година државата има придобивки, како од Охридскиот, така и од Преспанскиот договор.

Бришење на „20 отсто“ за јазикот и избори ако нема двотретинско мнозинство

За претставниците од партиите на Албанците што дејствуваат во опозиција беше јасно истакнато дека тие не се противат на уставните измени, но бараат бришење на „20 отсто“ од Уставот што се однесува на употребата на албанскиот јазик. Тие уште порачаа дека се изгубило непотребно време чекајќи дури сега предлогот за уставни измени да се најде пред пратениците, истовремено барајќи ако нема двотретинско мнозинство, веднаш да се оди на предвремени избори.
Во меѓувреме интервенираше и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој побара од претседателот на Собранието да не ја прекинува седницата по обраќањето на сите пријавени, туку да овозможи гласање за уставните измени за да може, како што рече, граѓаните да видат дали оваа работа поминува или само се купува време.
Сепак, претседателот на Собранието по обраќањето на координаторот на СДСМ, Јован Митрески, ја прекина седница и информираше дека за продолжување на седницата пратениците дополнително ќе бидат информирани. С.Т.