Фото: Горан Анастасовски

Јована Савевска, историчарка на уметност, археолог, фотографка

Со фотографирањето се запознала уште во раното детство, а веќе во тинејџерските години сфатила дека своите идеи, мисли и грижи најлесно може да ги канализира токму преку „објективот“. Така почнало фотографирањето како хоби за скопјанката Јована Савевска, историчарка на уметност и археолог, на која објективот одлично ѝ се вклопил во профилот. Таа не пропушта шанса „да улови“ момент од убавините на Македонија, од културното наследство, од секојдневниот живот. Му се радува на секој овековечен момент, како што се радува кога нејзините фотографии се споделувани и пофалувани на социјалните мрежи. Нејзини дела беа одбрани и за фотографија на неделата во „Нова Македонија“, а и за насловната страница посветена на скопскиот земјотрес од 1963 година.

Зошто го одбравте токму „објективот“ за креативно изразување?
– Ликовната уметност, филмот и фотографијата биле и сè уште се секојдневно присутни во моето семејство. Конкретно со фотографијата како визуелен медиум се запознав уште во детството, благодарение на мојот татко, кој беше режисер и постојано користеше разни камери и фотоапарати. Инаку, секогаш сакав да се изразувам креативно и додека се осознавав и развивав во тинејџерските години, сфатив дека моите идеи, мисли и грижи најлесно можам да ги канализирам токму преку „објективот“. Со оглед дека не се занимавам професионално со фотографирање, во слободното време ја користам секоја пригода да прошетам и да „уловам“ некој момент.
Како ги споивте вашите две професии, историја на уметност и археологија, со вашето хоби – фотографијата?
– Фотографијата како хоби одлично ми се вклопува во профилот историчарка на уметност и археолог. Во рамките на изучувањето на теоријата на уметноста, важен сегмент има и фотографијата, а секако и практично е потребна при документацијата на уметнички дела, споменици од културата, археолошки пронајдоци. Така што многу лесно фотографијата си го најде своето место покрај мојот примарен интерес на изучување и истражување.
Вљубеничка сте во културното наследство. Колку вашиот објектив е чувар на тоа наше богатство?
– Во моментов не сум целосно посветена на таа цел, па мислам дека не успевам доволно да го документирам и со тоа презентирам и зачувам нашето непроценливо културно наследство. Меѓутоа, кога имам шанса, покрај знаменитостите на мојот роден град Скопје, се обидувам да ги откријам и фотографирам убавините на цела Македонија. Многу од тие фотографии што ги правам за своја душа, знам да ги споделам со луѓето на моите приватни профили на социјалните медиуми и многу ме радува кога ќе видам дека им се допаѓаат.
Вашето искуство досегнува и во областите на високото образование, библиотечната дејност, издаваштвото, туризмот… Го оставате ли дома фотоапаратот кога работите на тие полиња?
– Многупати се случувало при процесот на одредена работа да го искористам и фотоапаратот како ресурс, за поуспешно да се заврши некој проект. Но, генерално, на сите минати и моментални работни позиции фокусот бил сосема поинаков, па за тоа време фотоапаратот заслужено си одмора.

Н.Б.З.