Историјата сведочи за подемот и падот на многу империи и цивилизации. Некои преживуваат најмногу неколку децении, додека други траат со векови. Значи, кој издржа најдолго? Кина, Египет или Месопотамија, тешко е да се процени титулата за најдолговечна цивилизација.
Наизглед ова може да звучи како едноставно прашање, но главниот проблем е што современите историчари не се согласуваат за некои од главните карактеристики што би ги користеле за да се одговори на прашањето. На пример, дали е воопшто можно да користиме термини како „цивилизација“ и што ја сочинува неа? Како ги мериме почетокот и крајот на една цивилизација? Имајќи предвид дека многу значајни историски цивилизации исто така доживеале периоди кога биле управувани од странски сили, дали може да се сметаат за еден долготраен ентитет или за нешто сосема друго?
Концептот на „цивилизација“ е фрустрирачки тешко да се дефинира и примени на смислен и компаративен начин. Па, како можеме да му пристапиме на овој предизвик? Едно нешто што можеме да го бараме е доказ за трајна култура и традиција низ времето. Префрлањето на акцентот на овој начин ни дава нешто позначајно, на што можеме да се задржиме. Следните примери се сметаат за најдолговечни култури во историјата, но процената на нивната природа ќе покаже точно зошто терминот „цивилизација“ е толку незгоден.

Античка Кина
Прашајте ги луѓето која цивилизација ја сметаат за најдолговечна и тие веројатно ќе кажат Кина, и тоа со добра причина. Како прво, Кина го има најстариот пишан јазик во светот. Самиот јазик се проценува дека се користи околу 6.000 години, но, уште позачудувачки, денес се користат знаци што се присутни на артефакти, како што се картите Оракли што се користат за гатање, стари најмалку 3.000 години. Ниту една друга култура не може да се пофали со толку силен континуитет.
Меѓутоа, дали можеме да ја споредиме модерна Кина со нејзиниот древен претходник или е премногу различна за да се смета за дел од една долга цивилизација? Ако е така, тогаш Кина може да се смета за постара од 5.000 години. Според една децениска студија на кинеската државна управа за културно наследство, тоа секако е така. Но не се согласуваат сите историчари. Од една страна, ова тврдење има значајна политичка вредност, бидејќи помага да се легитимира постојната структура на современа Кина. Второ, целиот регион е толку голем и составен од различни етнички групи што е тешко да се нарече хомоген народ со иста култура и традиција, пишува „ИФЛ сајенс“.

Стар Египет
Друг истакнат кандидат за титулата „најстара преживеана цивилизација“ би можел да биде Стар Египет. Но, повторно, ова е тешка процена.
Египет бил огромно кралство во стариот свет, кое првпат било обединето околу 3100 година пр. н.е., а траело до 332 година пр. н.е., кога било освоено од Македонците. И покрај ова политичко преземање, јазикот останал ист и хиероглифите продолжиле да се користат до 5 век од нашата ера, 3.500 години откако првпат биле развиени. Дали тоа се смета како континуитет или знак за промена?
Исто така некои би можеле да се фокусираат на древната египетска религија како маркер за нивната долговечност, но ниту тоа не било статичен културен израз. Тој се менувал со текот на времето, заедно со луѓето што го практикувале, додека конечно не бил заменет со христијанството во првиот век од нашата ера.

Месопотамија
Регионот во Југозападна Азија лоциран околу системите на реките Тигар и Еуфрат се смета за лулка на цивилизацијата. Самиот збор Месопотамија доаѓа од старогрчкиот збор за „земја меѓу реки“. Тој бил дом на некои од најзначајните случувања во раната човечка историја, вклучувајќи го пронајдокот на тркалото, едрилици, мапи, пишување, математика и многу други нешта.
Луѓето првпат се населиле во регионот во палеолитската ера и имале корист од богатата почва создадена од поплавата. Пред околу 12.000 години, луѓето што живееле таму ја искористиле таа земја за она што се нарекува Земјоделска револуција.
Потоа, пред околу пет-шест илјади години се случила урбаната револуција, кога поголемите градови почнале да се формираат од различни села. Првиот град, кој датира околу 3200 година пр. н.е., бил Урук и се верува дека го создале Сумерите. Сумерите се исто така признаени како творци на првиот пишан јазик.
Историјата на Месопотамија е обемна и комплицирана, гледајќи низа различни владетели и династии што ја презеле власта за подоцна да паднат под друга. Меѓу нив биле Акадската Империја, Гутите, Ур-Нама, Вавилонците, Хетитите, Асирците и Персиската Империја. Во 332 година пр. н.е. Александар Македонски го освоил регионот, кој по неговата смрт станал дел од Селевкидската Империја.
Како целина, Месопотамија може да се смета дека има историја долга како Стар Египет, но исто така тешко е да се знае дали тоа претставува еден период на континуитет или историја на промени и различни култури.