Панорама на Пепелиште и Криволак 1

Македонија е планинско-котлинска земја, a причина за тоа се сложените геолошки, тектонски и ерозивни процеси што дејствувале на овие простори илјадници години. Нашата земја има околу 40 планини и планински масиви, а меѓу нив е и Конечка Планина, позната и како Серта, која се наоѓа во југоисточниот дел на Македонија, а се издига помеѓу долините на Вардар и Крива Лакавица во Радовишко

Занимливости

Серта е средно висока планина, која е гранична планина помеѓу двете релјефни целини – ниска Македонија и источновардарска група планини и котлини во штипската околија, на околу 15 км југоисточно од Штип.
Позната е и под името Конечка Планина бидејќи започнува кај селото Конче, каде што се наоѓа и највисокиот врв Волчјак, на 1.159 метри надморска височина. Највисокиот дел на планината е над селото Лесковица, а потоа опаѓа во насока на Радовиш. Заедно со Градешка Планина, Плавуш и Смрдеш, претставуваат планини од вардарската зона и имаат заеднички правец на динарско протегање од северозапад кон југоисток. Планинските била им се заоблени. Покрај највисокиот врв Волчјак, на Серта уште се издвојуваат и врвовите Кула во средишниот дел и Стракалево (Штркалево – 711 м) во северниот дел. Просторот што на север се протега кон реката Брегалница е познат под името Сландол.
На едно доминантно плато на Конечка Планина, кота 878 м, на 1 км јужно-југозападно од селската црква во селото Лесковица, а 270 метри јужно-југоисточно од антените, односно на 1.15 км југоисточно од планинскиот превој што ги дели Конечка Планина на југоисток и Серта Планина на северозапад, се наоѓа локалитетот Кале Антени, во селото Лесковица. Станува збор за пространо плато што било опколено со заштитен ѕид, а во кое биле сместени воени единици на македонските кралеви Филип Петти и Персеј, судејќи според откриените монети на локалитетот.


Поаѓајќи од Демир Капија, по планинскиот срт на Конечка Планина, уште Филип Петти оформил најмалку две воени утврдувања, локалитетот Кале на Бели Рид во селото Калањево и Кале Антени во селото Лесковица. Во таа насока е идентификуван силен антигонидски воен кастел на локалитетот Цитате кај селото Шеоба, на четири и пол километри југозападно под ридестото пајонско гратче на локалитетот Големо Кале во селото Пухче, поставен на самиот срт на Серта.
Во северозападното продолжение на Серта се наоѓале пајонските гратчиња на локалитетите Перчи Кулбаши во селото Аџи Реџепли и Градиште Веледрица кај селото Драгоево, кои биле контролирани директно од војската на Персеј што била сместена во нивните акрополи.
Во текот на 2014 година, Општина Конче започна активности за изградба на десет планински куќи на планината за поттикнување на туризмот во целата област. Куќите се предвидува да бидат градени во крошните на буките, со површина од 16 квадратни метри и два метра висина, градени исклучително со природен материјал. Покрај пристапниот пат до секоја од овие куќи, се предвидува во нивната близина да бидат изградени и летниковци. Д.Ст.