Во пресрет на седмото издание на „Дрим шорт“
Седмото издание на фестивалот на краток филм „Дрим шорт“, кое оваа година ќе се одржи од 14 до 17 август во Струга, го избра слоганот „Неопходна убавина“ за мисла водилка.
– Ако филмот е естетска креација, плод на колективен уметнички труд од различни умови, тогаш фестивалот е естетско-тематски собир, плод на подредувањето во универзумот, кое овозможува многу различни умови, својот колективен труд наречен филм, да го презентираат на исто место, во исто време, создавајќи момент на магична илузија, необјасниво чувство на посебност за публиката и можност за размена на вистински вредности што остануваат врежани во колективната меморија. Денес, кога околу нас видливо недостигаат едноставност, разбирање и мир, среќни сме што со специјалните мали нешта, наречени кратки филмови, придонесуваме во разубавување на времето во кое живееме. Кога светот е во опасност, убавината ќе го спаси. Кога реалноста натежнува, неопходна е убавина. Со нашето седмо издание, под мотото „Неопходна убавина“ ќе посакаме нашиот фестивал да биде само еден од многуте културни блесоци што денес ни недостигаат – велат организаторите.
Фестивалската програма и оваа година ќе биде распределена во четири фестивалски денови, со филмови во натпреварувачки категории, и тоа регионална, меѓународна, студентска и специјална програма „Соочување со минатото“, во селекција на нашиот долгогодишен соработник, режисерот Иван Бакрач. Покрај натпреварувачките програми, фестивалот ќе ја претстави специјалната програма „МК спешл“ со цел промоција на македонскиот филм и младите македонски автори. Гостинските програми оваа година се плод на соработка со „Докуфест“ од Косово и „Сараево филм фестивал“ од Сараево.
– Оваа година, во соработка со „Екосвест“ ќе претставиме и ревијална програма на филмови чија главна тема се екологијата и заштитата на животната средина. Неизбежен сегмент од целиот фестивал повторно ќе биде едукативниот дел, придружен со ексклузивен мастерклас со реномираниот ирански режисер Али Ашгари. Во рамките на фестивалот ќе бидат одржани две дискусии. Првата ќе биде на темата „Соочување со минатото“ во соработка со нашите партнери „Форум ЗФД Скопје“, на која ќе учествуваат филмски уметници од регионот. Втората дискусија во соработка со „Екосвест“ ќе биде на тема заштита на животната средина и пред сѐ Охридско Езеро, а ќе учествуваат екологисти и претставници на институциите – велат од фестивалскиот тим.
„Дрим шорт“ по вторпат ќе биде домаќин на работилницата за краток филм „Фанд реди“, како дел од регионалната мрежа на фестивали за краток филм „Балкан шорт филм нетворк“. Во музичката ОФФ-програма, оваа година ќе настапат „Фолтин“, милениците на струшката публика, Рутбој со музичка селекција за капење на Дрим и за затворање на фестивалот со диџеите „Диа“ и Бодан Јамакоски. В.Д.