И покрај понискиот стандард на граѓаните на Кичево, сепак повеќето од нив не се откажуваат од традицијата барем 7 дена во текот на летото да поминат на некоја од морските или езерски плажи. Во изборот за летен одмор годинава доминираат Грција, Албанија и Црна Гора, додека нешто помал интерес има за Турција и Хрватска.
– Со децении нашите сограѓани не ги менуваат навиките годишниот одмор да го поминат во некое летувалиште во соседна Грција, Албанија или Црна Гора. Повеќето практикуваат да летуваат вон сезона, во текот на јуни кога цените за летување се многу пониски, кон крајот на август или почетокот на септември. Се бараат претежно аранжмани со појадок, сепак нивните џебови не се така длабоки да изберат пакет аранжман – вели Зоран Цветаноски од најстарата туристичка агенција во градот.
Кичевските летувалци како најважни приоритети за летување во овие земји ги посочуваат близината до дома и можностите за лесна комуникација со домаќините.
-Речиси три децении континуирано летуваме во некое одморалиште во северна Грција. За да се одлучиме да летуваме кај нашиот јужен сосед најважни се близината, бидејќи по само четири часа сме на море, потоа земјата е добро организирана, сместувањето солидно, водата чиста, лесно се разбираме – вели Горан, еден од многуте летувалци од Кичево, редовно присутен кај нашиот јужен сосед.
Во трите дестинации летуваат претежно фамилијарни луѓе кои на одмор одат со сопствен автомобил со полн багажник со храна.
Помладите, пак, коишто може да си дозволат, се определуваат за летување во некоја од подалечните земји како Шпанија, Хрватска, Турција, Египет, Малта, или Тунис и бараат хотелско сместување со пакет аранжман.
-Претежно преферираат пакет аранжмани во хотел. Нивниот број не е преголем, но сепак оваа бројка од година во година е се поголема. За македонските езера не постои речиси никаков интерес и поради близината на Охрид, нашите сограѓани практикуваат еднодневни тури, бидејќи во обата правци имаат патување од само 90 минути – потсетуваат од друга туристичка агенција. З.А.