Македонија без Димитријевиќ во Талин

Селекторот Јончевски, наместо повредениот плејмејкер, во репрезентацијата го повика

младиот Андреј Шошкиќ

КОШАРКА – ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЛОИ 2024

Македонската сениорска кошаркарска репрезентација, предводена од селекторот Александар Јончевски, ќе настапи хендикепирана на претстојниот претквалификациски турнир за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2024 година, кој ќе се одржи во Талин, Естонија, од 12 до 15 август. Сосема неочекувано во завршницата на подготовките се повреди плејмејкерот Ненад Димитријевиќ, кој во тандем со Ти Џеј Шортс требаше да биде еден од главните носители на бековската линија.
– Димитријевиќ нема да патува на предолимпискиот турнир. Тој се пожали на болка во тетивата и, како што ме информираа од лекарскиот тим, станува збор за истегнување. Повредата не е премногу сериозна, но бара мирување во следните денови, а за нас доаѓа во најлош момент – рече селекторот Јончевски пред патувањето за Талин.
На местото на Димитријевиќ во составот од 12 кошаркари, Јончевски го повика членот на младинската и јуниорска селекција на Македонија, Андреј Шошкиќ. Така, во Естонија боите на Македонија ќе ги бранат: Војдан Стојановски, Ти Џеј Шортс, Стојан Ѓуроски, Љубомир Младеновски, Дамјан Робев, Андреј Маслинко, Андреј Магдевски, Андреј Шошкиќ, Андреј Андоноски, Теодор Симиќ, Петар Бошалески и Марко Миловановиќ.
Македонија на турнирот во Талин прво ќе игра утре со селекцијата на Израел, следниот ден е дуелот со Естонија, а во вторник е третиот и последен меч со Чешка. Двете првопласирани репрезентации ќе продолжат во Полска на фајналфор-турнир, од каде што победникот ќе настапи в година во квалификациите за ЛОИ 2024. Другите два учесника на фајналфорот, пак, ќе се добијат од турнирот во Гливице (Полска), на кој ќе настапат репрезентациите на домаќинот Полска, Португалија, Унгарија и на БиХ. Г.И.