Изминатите три дена поголем број пензионери од Кичево го посетија седиштето на Здружението на пензионери од овој град, се сретнаа со неговиот претседател и го соопштија барањето дека и тие се вклучуваат во штрајкот со единствено барање пензиите во месец септември наместо да се зголемат за шест проценти за сите категории пензионери, покачувањето да биде линеарно и сите да добијат еднакво зголемување од 3,500 денари.
Претседателот на Здружнието на пензионери од Кичево, Душан Ристоски, информира дека поголем број пензионери од Кичево го посетиле седиштето на Здружението и побарале зголемувањето на пензиите да биде линеарно наместо процентуално како што е најавено.
– Го слушнавме барањето на поголем број пензионери од нашиот град, кои побараа септемвриското зголемување на пензиите да биде линеарно и сите да добијат зголемување од 3 500 денари наместо да има процентуално зголемување од 6 проценти. Барањето на нашите членови го проследивме и до претседателството на Здружението на пензионери во Скопје, за да ги информираме за штрајкот на членството од нашиот град – истакна претседателот на Здружението на пензионери од Кичево Душан Ристоски.
Инаку во општина Кичево има над 6000 пензионери кои добиваат пензии од фондот. Нивниот број е далеку поголем ако се има во предвид дека во општината има и голем број корисници на странски пензии.
З.А