Најпрво би сакале да ги демантираме претходните изјави, писма и шпекулации што се појавија во медиумите изминатите неколку дена, а беа пласирани од одредени политички центри, кои никако не можат да ни помогнат. Ние, долупотпишаните со име и презиме, сме студентите на Институтот за филм, Филмска академија – Охрид, (ИФФА) или FIOFA и знаејќи дека сме го избрале филмот како наша животна определба, нема никогаш да останеме анонимни. Напротив со ова писмо би сакале да ја известиме јавноста кои сме, од каде сме и за проблемите со кои се соочивме во пресрет на академската 2018/2019, незапочнувањето со редовната настава и другите пречки што произлегуваат од нерегулираните административни обврски на академијата и МОН.
Ние, студентите на ИФФА, собрани во Охрид од целиот свет, привлечени од убавата приказна што ја понуди проектот ИФФА, а зад кој стои фантастичен наставен кадар и неверојатни услови за студирање, денес се наоѓаме во незавидна ситуација, најмногу поради молкот и неизвесноста за моменталниот статус на филмската академија.
Бараме јасен, брз и конкретен одговор. Какви се намерите на Министерството за образование и наука за ИФФА Охрид? Интернационалните професори воопшто не се дојдени во Охрид, бидејќи нивниот статус не е регулиран. Сите студенти што требаше да ја започнат новата академска година, повеќе од еден месец се во Охрид, но настава нема, а нема ниту какво било известување од Министерството за образование и наука. Истовремено, студентите од првата генерација, кои веќе ги одбранија своите магистерски тези, не можат да добијат диплома иако ги завршија сите обврски што произлегуваа од нивните договори и студиските програми.
Ги исцрпивме сите обиди за да добиеме конкретен одговор од МОН зошто сѐ уште не започнала новата академска година, дали воопшто ќе започне новата академска година и кога студентите од првата генерација ќе ги добијат своите дипломи. Она што фрустрира е што и покрај неколкумесечните писмени преписки со министерството и средби со претставници и советници од министерството, сепак немаме никакво поместување од состојбата статус кво. Сите нѐ уверуваат дека ќе има решение, но досега никој не презеде ништо, ниту пак сме добиле какво било официјално известување.
Студентите од Македонија и интернационалните студенти се во Охрид, на свој сопствен трошок уште од почетокот на месец октомври, очекувајќи го почетокот на новата година во предвидениот рок. Никој досега не ги известил за конкретни мерки. Ниту дека ќе се продолжи со нормална настава, ниту пак дека академската година се одложува, или во најлош случај дека академијата ќе престане да работи. Интернационалните студенти, поради тоа што ИФФА не им издава документ дека се редовни студенти во академската 2018/2019, не можат да го регулираат својот престој во Македонија и веќе многу од нив илегално престојуваат во Македонија. Тие веќе се во контакт со своите матични амбасади и размислуваат за поведување правна процедура против Република Македонија. Поради сето наведено погоре, сите студенти што имаат правно важечки договори со Министерството за образование и наука се подготвени да поднесат тужби против МОН и ИФФА, за да ги остварат своите права. Секако, најзасегнати се студентите од првата генерација, кои не можат да се стекнат со своите дипломи за магистри.
Се надеваме дека сето ова ќе наиде на разбирање и слух кај надлежните органи, дека ќе обрнат внимание и оти во најкраток можен рок ќе се посветат да најдат решение. ИФФА е благороден проект, препознаен од филмската фела во Македонија и во светот. Сите правни нерегуларности поврзани со работењето на академијата во минатото, треба да бидат процесирани од надлежните органи, но тоа не смее да интерферира со академскиот дел, на штета на студентите. Дел од овој проект се филмски работници и професори, со највисоки почести и признанија од светот на филмот. Ние студентите, но и Македонија, треба да сме почестени, што такви филмски величини го споделуваат своето знаење токму овде, во Македонија и Охрид. Не само што го споделуваат знаењето, туку и несебично се вложија овој проект да се случи во Охрид, во соработка со славната прашка филмска школа ФАМУ.
Студентите на ИФФА Охрид, Јаков Попоски, Игор Трајковски, Газменд Изаири, Димитар Димоски, Абишек Бадра, Гизем Тонбак, Коста Дупчинов, Весна Кушлеска, Катал Меккол, Џејк Ремзи, Берат Асани, Албинос Ќерими, Гоце Миланоски, Драган Алексов, Верче Арсовска, Јован Цветкоски, Јехона Бериша, Валентин Видовиќ, Горан Томиќ, Никола Матоски, Харш Доши, Салма Дајби, Џовани Рустанто, Сузана Бернал, Леон Скогхајм, Ник Ремзи, Никола Кузелов, Раде Гогоски, Катјајани Прабакар