Од фаворитите, Вашер-Леграв и Дубов се елиминирани во машка, додека Асаубаева во женска конкуренција
ШАХ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО
На Светското првенство (СП) во шах во Баку, Азербејџан, уште неколку врвни фаворити се елиминиран. Додека некои од најсилните играчи директно се квалификуваа во четвртото коло, многумина вчера мораа да играат дополнителен тајбрејк за пласман во следната фаза. Прв квалификант во четвртата рунда беше Алексеј Сарана (23), кој игра за Србија, а го совлада Романецот Кирил Шевченко во само 26 потези (1,5-0,5). Узбекистанското чудо од дете Јавохир Синдаров (17) го елиминира еден од најдобрите играчи на СП, Французинот Максим Вашер-Леграв, по ремито во првата партија. Во аут е и Русинот Данил Дубов, откако по шокантниот пораз во првиот дуел, само ремизира против Италијанецот Даниеле Вокатуро во вториот.
Прворангираниот на светската рејтинг-листа, Норвежанецот Карлсен (2.835), е во следната рунда по ремито со сонародникот Ариан Тари во втората партија (1,5-0,5). Хикару Накамура од САД се квалификуваше понатаму по победата во втората партија над Унгарецот Бенјамин Гледура, а Иранецот Пархам Магсудлу откако го победи Германецот Александар Донченко (1,5-0,5).
Откако победи во првата партија, Русинот Петер Свидлер ја загуби втората и вчера играше тајбрејк со Холанѓанецот Жорден ван Форест, како и победникот на СП во 2021, Полјакот Јан-Кшиштоф Дуда, по двете ремија со Иван Чепаринов. Од фаворитите тајбрејк играа уште Американците Фабиано Каруана и Весли Со, Русинот Јан Непомњијачши, Азербејџанецот Тимур Раџабов, Холанѓанецот Аниш Гири…
На женскиот турнир изненадување е елиминацијата на светската првенка во брз шах, Казахстанката Бибисара Асаубаева, од Германката Елизабет Паетц. Светската шампионка Венјун Ју од Кина имаше тежок дуел со Азербејџанката Улвија Фаталиева (со речиси 200 поени послаб рејтинг), но на крајот среќно победи. Од фаворитите, понатаму отидоа Русинката Александра Горјачкина, Украинката Марија Музичук, нејзината сестра Ана, откако ја совлада (1,5-0,5) бившата светска првенка и сонародничка Ана Ушенина. Победничката на вакво СП во 2021 и екссветска првенка, Русинката Александра Костењук, вчера играше тајбрејк против Србинката Теодора Ињац. Г.И.