Фото: Маја Јаневска-Илиева

Согласно мерењата и набљудувањата на метеоролошките станици во земјава, јули 2023 година беше многу топол и просечно влажен месец во споредба со многугодишните просечни вредности, со исклучок на Маврово и Струмица.

Според УХМР, средномесечната температура се движеше од 18,2 степени во Лазарополе до 28,2 во Гевгелија. Споредено со просечните јулски средномесечни температури, за триесетгодишен период (1991-2020), овогодинешната температура беше натпросечна за 1,6 степени на ниво на држава.

Средната максимална температура варираше од 25,7степени во Лазарополе до 35,9 во Гевгелија. Највисоката максимална температура беше измерена на 22 јули во Гевгелија и изнесуваше 42,1 степен. Карактеристична појава е пролонгираниот период, од 12-ти до 26 јули, со максимални температури над 90 перцентилниот распоред 1961/90, односно продорот на интензивни топлотни бранови.

Средната минимална температура варираше од 11 степени во Лазарополе до 20,1 во Гевгелија. Најниската минимална температура во текот на месецот беше измерена во Берово, на 28 јули и изнесуваше 4,3 степени.

Во јули 2023 година месечната сума на врнежи во државата варираше од 20 милиметри во Охрид до 114,7 во Маврово. Врнежите беа од дожд и град. Максималното дневно количество на врнежи од 63,5 милиметри беше регистрирано во Струмица на 6-ти во месецот. Споредено со јулската просечна вредност за многугодишен период (1991-2020), измерената месечна сума на врнежи беше седум милиметри над просечната на ниво на држава.