Во чест на најголемиот македонски празник, 2 Август – Илинденското востание и АСНОМ, Киро Урдин, еден од свтските ликовни уметници отвори монументална изложба во Букурешт, во големата сала на романскиот парламент која се простира на околу 650 квадратни метри. Ова прекрасно здание го носи името на еден од најголемите современи скулптори во светот, Константин Бранкуси. На отварањето на изложбата која предизвика голем интерес во романската јавност Киро Урдин презентираше шеесетина дела во техника масло.
Со оваа изложба и неговите последни самостојни презентации на уметничките дела во Kloser Contemporary Art – Кина (2018),Online MM Gallery Brussels- Белгија (2020 и 2021),De zwarte Ponter – Антверпен, Белгија (2022), Amodlozi Gallery -Мајами, САД (2023), тој уште еднаш го потврди својот статус на уметник од светски ранг.
Киро Урдин е роден 1945 година во Струмица. Дипломирал на правниот факултет во Белград во 1969 година. Во периодот од 1971 до 1973 година работел како новинар, а подоцна студирал на Академијата за уметност во Париз. Од страна на „Академијата на филмот” во Париз бил награден, а во 1982 – 1983 изработувал портрети на истакнатите учесници на „Струшките вечери на поезијата”. Од 1984 година тој работи како слободен уметник во повеќе земји.
Од работилницата на Урдин излезени се и неколку краткометражни филма – „Уметноста на Киро Урдин”, „Те сакам, Ибан” и „Планетариум” во продукција на МРТВ.
Сликата „Планетариум“( со површина од 48 квадратни метри) која е реализирана низ најзначајните културни центри на светот, (спаѓа меѓу најголемите во современа Европа) е откупена и поставена во зградата на електронскиот гигант NEWAUS, во Ејндховен – Холандија. „Планетариумот“ како мултимедијален проект се вбројува меѓу првите уметнички делa во ликовниот правец мондидализам. За „Планетариумот“ е снимен и филм кој беше прикажан во официјалната селекција на познатиот телевизиски фестивал во Монте Карло ( 1998 год.).
Фото: Киро Урдин