Поранешниот американски претседател обвинет за обид за промена на исходот од претседателските избори во 2020 година
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп денеска треба да се појави за првпат пред Федералниот суд, затоа што против него е подигнато обвинение за обид за промена на исходот од претседателските избори во 2020 година, најсериозното обвинение против поранешниот претседател, кој веќе е кривично гонет. Трамп е обвинет за „заговор против американската држава“, попречување на службениот процес и злоупотреба на изборите, по истрагата надгледувана од специјалниот обвинител Џек Смит.
– Нападот врз Капитолот на нашата нација на 6 јануари 2021 година беше напад без преседан врз седиштето на американската демократија. Тоа е опишано во обвинението. Владата на САД… Во овој случај, мојата канцеларија ќе бара брзо судење за да може нашите докази да бидат тестирани на суд и судени од порота составена од граѓани – изјави Смит.
За потсетување, поддржувачите на Трамп го нападнаа американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година во обид да го спречат Конгресот да ја потврди победата на Бајден. Обвинението, исто така, ги обвинува Трамп и неговите соучесници за организирање лажни гласачки ливчиња во седум сојузни држави, од кои сите ги загуби, со цел да ги достават своите гласови до Конгресот да ги преброи и официјално да ги потврди на 6 јануари.
Поранешниот американски претседател третпат во последните четири месеци се соочи со кривична пријава, овој пат за обид да го поништи неговиот изборен пораз во 2020 година во САД, што доаѓа во време кога тој се обидува да се врати на претседателската функција следната година и е фаворит за претседателската номинација на републиканците во 2024 година.
Обвинението од четири точки и 45 страници наведува шест луѓе што учествувале заедно со Трамп во заговорите. Иако тие не се наведени по име, нивните описи одговараат на адвокатите на Трамп – Руди Џулијани, Сидни Пауел, Џон Истман, Кен Чесебро и поранешниот функционер во Министерството за правда, Џеф Кларк.
– И покрај тоа што изгубил, обвинетиот бил одлучен да остане на власт. Па така, повеќе од два месеца по изборниот ден на 3 ноември 2020 година обвинетиот ширел лаги дека имало измама на изборите, кои влијаеле на исходот и дека всушност тој е правиот победник. Овие тврдења беа лажни и обвинетиот знаел дека биле лажни. Сепак обвинетиот ги повторувал и ги ширел, со цел да ги направи овие лажни тврдења легитимни, создавал и поттикнувал национална атмосфера на недоверба и бес и ја поткопал јавната доверба во изборниот процес – стои во обвинителниот акт.
Штабот на Трамп издаде соопштение по тој повод, укажувајќи дека тој отсекогаш го следел законот и го окарактеризира обвинението како политички „прогон“, кој потсетува на нацистичка Германија.
– Зошто чекаа две и пол години за да ги поднесат овие лажни обвиненија, токму во средината на победничката кампања на претседателот Трамп за 2024 година – реагираше изборниот штаб на поранешниот претседател, во врска со обвинението за мешање во претседателските избори во 2020 година.
– Одговорот е, мешање во изборите!… Овој неамерикански лов на вештерки ќе пропадне и претседателот Трамп ќе биде реизбран во Белата куќа – коментираа од неговиот штаб.
Во јуни, Трамп се изјасни за невин откако федералната голема порота во Мајами, свикана од специјален обвинител, го обвини по 37 точки за незаконско задржување доверливи владини документи по напуштањето на функцијата во 2021 година и попречување на правдата. Обвинителите го обвинија дека ризикувал некои од најчувствителните американски тајни за национална безбедност.
Минатиот четврток, обвинителите додадоа уште три кривични обвиненија против Трамп, со што вкупниот број изнесува 40, обвинувајќи го дека им наредил на вработените да бришат безбедносни видеа додека бил под истрага за задржување документи. Првите обвинувања против Трамп се појавија во март, кога тој беше обвинет од големата порота свикана од окружниот обвинител на Менхетен.
Трамп во април се изјасни за невин по обвинението од 34 точки, кое го товари за фалсификување деловни досиеја поврзани со исплати на порноѕвездата Сторми Даниелс за да го купи нејзиниот молк пред изборите во 2016 година за сексуалниот контакт што таа рече дека го имала со него. Трамп ја негираше средбата.