Напорите на јавното здравство за ограничување на употребата на тутун ширум светот постигнуваат напредок. Се поголем број земји преземаат мерки против пушењето, се наведува во денеска објавениот извештај на Светската здравствена организација (СЗО).
– Сега 5,6 милијарди луѓе живеат во земји кои имаат имплементирано барем една од препорачаните мерки на СЗО за заштита на непушачите во речиси 40 проценти од земјите, затворените јавни простори сега се без чад, се истакнува во најновиот извештај.
СЗО критикува одредени земји што не преземаат дополнителни чекори за ограничување на употребата на тутун и за спроведување на постоечките правила.
Според СЗО, повеќе од осум милиони луѓе годишно умираат од пушење, повеќето од нив во земјите со низок и среден приход.
Во извештајот се посочува дека чадот од тутун има големо влијание и врз непушачите односно 1,2 милиони смртни случаи секоја година, вклучително и смртта на 65.000 деца, е поради изложеност на пасивно пушење. Луѓето кои се изложени на пасивно пушење се изложени на ризик од смрт, срцеви заболувања, мозочен удар, респираторни заболувања, дијабетес тип два и рак.
– Ефективните мерки за спречување на пушењето ќе обезбедат помалку луѓе да заболат од рак, кардиоваскуларни болести или респираторни проблеми, кои се предизвикани од пушењето, изјави директор на СЗО за промоција на здравјето, Рудигер Крех.
Извештајот го оценува напредокот на земјите во контролата на тутунот и покажува дека две земји, Маурициус и Холандија, постигнале највисоко ниво на имплементација на сите мерки на СЗО, што досега го постигнаа само Бразил и Турција.
СЗО ги повикува сите земји да ги спроведат сите мерки на СЗО за борба против епидемијата на тутун.
Осум земји треба да спроведат само уште една мерка за да им се придружат на лидерите во контролата на тутунот: Етиопија, Иран, Ирска, Јордан, Мадагаскар, Мексико, Нов Зеланд и Шпанија.
Во извештајот се наведува дека 53 земји сè уште немаат целосна забрана за пушење во здравствените установи. Само околу половина од земјите имаат работни места во приватни компании и ресторани без чад.
СЗО ги повикува сите земји да ги спроведат сите мерки на СЗО за борба против епидемијата на тутун, која убива 8,7 милиони луѓе ширум светот, и да се спротивстават на тутунската и никотинската индустрија, која лобира против овие мерки за јавно здравје посочи Крех.