Досега необјавена фотографија од Питу Гули

Македонската револуционерна борба од крајот на 19 и почетокот на 20 век и Илинденското востание земаат значајно место во колективното сеќавање на македонскиот народ и во неговата револуционерна традиција во борбата за создавање македонска држава. Најдобра потврда за тоа, но и на континуитетот на борбата за македонска држава, претставува фактот што Првото заседание на АСНОМ, на кое била конституирана македонската држава (на дел од територијата на османлиска Македонија, а во рамките на ФНР Југославија), се одржало токму на 2 август – денот кога започнало Илинденското востание.
Не случајно во македонската химна се споменуваат дури четири имиња (Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев и Јане Сандански), кои претставуваат своевидни симболи на Организацијата што ја повела македонската борба за сопствена држава. Од 2007 година, 23 Октомври – Денот на основањето на Македонската револуционерна организација е прогласен за државен празник

Фељтон по повод 120 години од Илинденското востание (7)

Во 1902 година, кога именувањето на Србинот Фирмилијан за владика во Скопје, под покровителство на Вселенската патријаршија, веќе било свршен чин, во средини на организацијата почнало да се зборува за унија со Римокатоличката црква, за одвојување на егзархијата од кнежеството и нејзино прогласување за покровител на „Славјаните“ во Турција, под изговор дека се обнова на Охридската патријаршија, и за составување синод од македонски владици со седиште во Истанбул.
Доколку егзархот ја одбиел оваа идеја, тогаш ќе требало да се дејствува меѓу владиците да се откажат од егзархијата, да состават одделен синод и да основаат самостојна црква. Во краен случај, останувало да се дејствува меѓу народот и белото духовенство (Спространов 1994: 155). Со овие планови Спространов го запознал Кл. Калајџиев од Охрид, кој, пак, требало да ги анимира митрополитите Григориј во Битола и Методија во Охрид и тамошниот раководител на ТМОРО – Антон Кецкаров. Во истиот период организацијата искажува загриженост за „македонскиот народ“ од разорните дејства на надворешните влијанија. Во таа смисла е и изјавата: „Внатрешната револуционерна организација не може и не треба да се солидаризира со погледите на патриоти надвор од сферата на Македонија, зашто таа не може и не треба да го смета македонскиот народ за кал, од кој може да се прави денес едно, утре друго, без да се плаши дека ќе се претвори во пепел и прав“.
Во ноември 1903 година Крсте П. Мисирков, во очекување да излезе од печат книгата „За македонцките работи“, преку Стефан Ј. Дедов воспоставил контакт со Е. Спространов. Притоа, го запознал со своите идеи за печатење книги на македонски јазик, со потребата од македонска граматика, историска христоматија и сл. Истовремено, го поставил прашањето за трансформирање на организацијата од „револуционерна во еволуциска“, во смисла на пропагирање „национален сепаратизам“.

Според Спространов, оваа идеја имала изгледи за успех, зашто „македонската интелигенција лесно ќе ги прифати тие проповеди, дотолку повеќе што таа сега е многу навредена од подлоста и од измамата на Бугарија“. Сепак, Спространов, кој повеќе се интересирал за материјалната страна на проектот, немал храброст отворено да застане зад него. Засега е извесно дека од организацијата зад националниот концепт на Мисирков застанале Димитар Мирасчиев и војводата Јордан Ангелов. Последниот во врска со тоа си споменува: „Димитар Мирасчиев беше се зближил со Мисирков и беа се согласиле кон политичкиот автономен принцип за слободата на Македонија да се додаде и националната и јазичната автономија, почнувајќи да се издаваат книги и весници на чист македонски јазик. Кон оваа идеја се присоединив и јас, со длабоко убедување дека таму е расковничето за слободата на Македонија… Но не поминаа еден-два дена книгата уште во печат, во една прекрасна зимна ноќ, јас и Мирасчиев по бели гаќи се најдовме во софиската полициска станица, а кутриот Мисирков беше летнал по неволја преку граница…“.
Д-р Карло Блинт во лондонскиот „Пал мал Газете“ од 5 јули 1905 година, меѓу другото, пишува „Учените од комитетот на Сандански создаваат граматика на македонски јазик како јазик на целата област. Дијалектот на битолскиот вилает се зел за основа на тој нов македонски ‘есперанто’. Новиот македонски јазик требало да ги истисне српскиот и бугарскиот јазик од Македонија, бидејќи тој бил различен од јазикот што се зборувал во Бугарија и Србија“. Три дена подоцна атинскиот весник „Скрип“ пишува: „Пред неколку месеци во Битола била формирана една комисија од страна на Македонската организација, со задача да создаде македонска граматика. Комисијата се состои од седум професори по лингвистика. За основа на оваа граматика ќе се земе дијалектот што се зборува во битолскиот вилает. Овој дијалект веќе е прогласен од комисијата за македонски јазик. Учителите во словенските училишта во Македонија добија наредба да го предаваат овој јазик наместо српскиот или бугарскиот и преку него да се воспостави основата за создавање независна Македонија“.
Х.Н. Брејлсфорд, кој е поприлично упатен во македонските работи и состојби, во врска со тоа пишува: „Комитетот или неговите делови дури ја разгледувале (1905) политиката за наметнување на македонскиот словенски дијалект наместо литературниот бугарски како јазик во сите егзархиски училишта во Македонија. Се говори дека е напечатена граматика за таа цел“.

Споменативе информации се предизвикани од мисијата на Димитрија Чуповски во 1905 година за отворање училишта на македонски јазик. Неспорен факт е дека Димитар Мирасчиев, инаку близок со Сандански и Петар Поп Арсов, уште во ноември 1903 година ги прифатил идеите на Мисирков, но факт е и дека Чуповски за време на мисијата во Македонија извесно време престојувал во Солун. Засега немаме информации со кои луѓе од Организацијата се среќавал, меѓутоа една од одлуките на Вториот окружен солунски конгрес коинцидира со ставовите и идеологијата на Македонското научно-литературно другарство. Така, во протоколот од споменатиот конгрес, кој се одржал 10–12 август 1905 година, се наведува: „Организацијата треба да работи за национално осознавање на Македонецот. По неопходност, таа цел организацијата треба да ја преследува само со легални средства и по посреден пат, да внимава на сите пропаганди, да ги осознава заблудените, понекогаш може да прибегнува и кон морален терор, но никогаш со насилства и убиства“.

проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев од Институтот за историја

(Продолжува)