Израелски воени авиони нападнаа позиции на терористи во Газа, информира израелското Министерство за одбрана.
Претходно израелски медиуми јавија дека Палестинци отвориле оган со минофрлачи од Газа и уништиле автобус во Израел, во близина на границата. Во нападот бил повреден еден човек.
Израелските телевизии емитувале снимки од автобус што гори, а се гледала и светлина од експлозии при пресретнување ракети од страна на израелскиот систем за противракетна одбрана „Железна купола“.
ДПА утрово јави дека најмалку седуммина Палестинци, меѓу кои и локален командант на Хамас и еден израелски војник, биле убиени во вчерашните судири во јужниот дел на Појасот Газа.
Официјален претставник на Хамас изјави дека насилството избило откако било пукано во група вооружени лица од автомобил во движење, во сопственост на израелските безбедносни сили. Израелските сили ја следеле групата Палестинци, а очевидци рекле дека израелската авијација испукала повеќе од 40 ракети во таа област.
Според медицинските лица, седум лица се убиени, вклучувајќи го и командантот на Хамас Нур Барака.
Израелскиот премиер бенјамин Нетанјаху ја прекина посетата на Париз и веднаш се упати кон Израел по избивањето насилства долж границата со Појасот Газа, соопшти синоќа неговиот портпарол.
Како последица на насилствата, запрени или пренесочени се летовите од меѓународниот аеродром „бен Гурион“, кој е во полето на дострел на ракетите на палестинските екстремисти во Појасот Газа.