Фото: Игор Бансколиев

КОШАРКА

Меч помеѓу тимови од НБА 32. пат ќе се игра во Мексико Сити

Кошаркарската НБА-лига најави дека еден меч од новата сезона, во ноември, ќе се игра во Мексико Сити. Во главниот град на Мексико ќе играат Атланта и Орландо и тоа ќе биде 32-от натпревар на тимови од НБА-лигата што ќе се игра во Мексико од 1992 година, повеќе од која било земја надвор од САД и од Канада, објави НБА.
– Со оглед на тоа што Орландо беше двапати во Лондон, Јапонија, Кина, Бразил и во Мексико Сити претходно, сакаме да ги претставуваме НБА и градот Орландо кога имаме можност да играме на овие Глобални мечеви. Имавме можност да бидеме во Мексико Сити и претходно и ја знаеме страста на навивачите и навистина со нетрпение очекуваме да го вратиме нашиот тим во Мексико Сити – рече извршниот директор на Орландо, Алекс Мартинс.
Орландо ќе го игра својот четврти натпревар во Мексико од 2012 година, а Атланта ќе го игра својот прв натпревар во Мексико.
– Секогаш е привилегија да се претстават нашиот тим, градот Атланта и НБА на Глобалните мечеви. Поминавме неверојатно време лани почнувајќи ја сезоната со првите НБА-натпревари во Абу Даби и возбудени сме што ќе се поврземе со навивачите во Мексико Сити и ќе ја доживееме прекрасната култура таму – вели Стив Кунин, извршен директор на Атланта.


ВАТЕРПОЛО

Финале Унгарија – Грција, нов светски првак ќе има и на 11-то СП по ред

Репрезентациите на Унгарија и Грција утре ќе играат за планетарната титула во ватерполо на Светското првенство (СП) во Јапонија.
Унгарија, која во полуфиналето го победи актуелниот првак Шпанија со 12-11, ќе игра за четвртата титула (претходно беше првак во 1973, 2003 и во 2013 година). Грција со победата во полуфиналето над Србија со 13-7 првпат се пласира во финалето на СП, а досега освои три бронзи на мундијалите во ватерполо (третата на СП 2022).
Ако победникот во финалето биде решен во регуларниот дел од средбата, тоа ќе биде петти пат во низа новиот светски првак да ја освои титулата само со победи, без ниту едно реми или пораз. Во натпреварот за третото место утре ќе играат Србија и Шпанија.
И на 11-от мундијал во низа ќе има нов светски првак, откако од СП 2001 (трофејот го освои Шпанија) ниту една репрезентација не освои две титули во низа. Н.М.