Доколку биде усвоен предлогот што Европската комисија (ЕК) го претстави на крајот на минатата недела, тоа ќе биде голем удар за пазарот на половни автомобили надвор од ЕУ. Имено, според информациите што доаѓаат од европските институции, според овој план на ЕК, дотраените возила веќе не би можеле да се продаваат надвор од Европската Унија (ЕУ). Наместо тоа, ќе следува рециклирање на старите користени возила. Сепак, засега не е прецизно дефинирано што спаѓа под „половни или дотраени возила“ и по колку години користење влегуваат во таа категорија…
ЕУ планира во блиска иднина да не дозволува извоз на половни автомобили
Предлогот што Европската комисија (ЕК) го претстави на крајот на минатата недела дека дотраените возила веќе не би можеле да се продаваат надвор од Европската Унија (ЕУ)“ и дека се предлагаат мерки за забрана за ваквата трговија на патнички моторни возила (ПМВ), односно автомобили, одекна многу силно не само во ЕУ туку и во регионов, на Балканот. Во суштина, предлогот на ЕК е ваквите возила да се рециклираат. Очекувањата се дека тоа ќе доведе до поголема безбедност на патиштата на земјите увозници, со што ќе се подобрат безбедноста на патиштата и екологијата во трети земји, кои досега беа чистилиште за користени автомобили.
Понатаму, според нашите сознанија, областа на примена на овие мерки постепено ќе се прошири на нови категории, како што се мотоцикли, камиони и автобуси, што ќе обезбеди посеопфатна покриеност.
За предлогот на комисијата во наредниот период треба да се изјаснат Советот на ЕУ и Европскиот парламент
Потпретседателот на Европската комисија (ЕК), Франс Тимерманс, одговорен за Европскиот зелен план, рече дека следната година на пазарот ќе се појават повеќе автомобили со нула емисија штетни гасови, што ќе ја зголеми побарувачката за вредни примарни материјали.
– Со овој предлог ќе обезбедиме рециклирање и повторна употреба на што поголем број од овие материјали. Тоа ќе овозможи нов живот на компонентите на нашите автомобили и значително ќе го намали влијанието врз животната средина на патниот сообраќај – рече Тимерманс.
Комисијата предложи регулатива со која би се замениле постојните директиви за возила на крајот на животот и за повторна употреба и рециклирање. Комисијата тврди дека новите регулативи ќе доведат до годишно намалување на емисиите на јаглерод диоксид од 12,3 милиони тони до 2035 година и зголемена повторна употреба на клучните суровини. Тие очекуваат дека имплементацијата на таа регулатива ќе доведе до долгорочна заштеда на енергија во производствената фаза, намалување на зависноста од увезените суровини и промовирање одржливи и кружни деловни модели.
Дополнително, ќе обезбеди поголема безбедност на патиштата во трети земји бидејќи ќе го спречи извозот на дотраени автомобили во земјите што увезуваат такви возила. Како што се наведува, секоја година повеќе од шест милиони возила го завршуваат својот животен век во Европа.
И производителите на автомобили вклучени во иницијативата
Според предложената нова регулатива, производителите на автомобили ќе треба да дадат јасни и детални упатства за расклопување на возилата, исто така и за тоа како да ги замените и отстраните деловите и компонентите за време на употребата и на крајот на животниот век на возилото. Најмалку 25 отсто од пластиката во новите автомобили ќе треба да доаѓаат од рециклирање, а четвртина од тоа од автомобили што повеќе не се употребливи.