Баравте, гледајте, ветингот на политичарите се претвори во ДУИ-ветинг. Кога Бујар Османи го предложи ветингот на политичарите, како чист политички блеф, сигурно ни на крај памет не му беше дека блефот ќе се претвори во ДУИ-ветинг
Невидена сензација, Јавното обвинителство за организиран криминал (ОЈОГОКК) на Ислам Абази апси повеќемина, меѓу кои и Исмет Гури, член на ДУИ. Еееј, јавниот обвинител Ислам Абази апси член на ДУИ, нескриена радост во јавноста. И тоа не многу време откако Бујар Османи понуди ветинг на политичарите, и тоа да започне од Али Ахмети и ДУИ. Понудата на Бујар Османи за ветинг на политичарите беше дадена за дефокус од предлозите на ВМРО-ДПМНЕ за решение на уставните измени, но секако со намера да се заштити ДУИ од жестоките напади за корупција и криминал и со местење на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Баравте, гледајте, ветингот на политичарите се претвори во ДУИ-ветинг. Кога Бујар Османи го предложи ветингот на политичарите, како чист политички блеф, сигурно ни на крај памет не му беше дека блефот ќе се претвори во ДУИ-ветинг. Да знаеше што ќе се случува, сигурно ќе замолкнеше.
Прво се случи ставањето на Рамиз Мерко, градоначалник на Струга од ДУИ, на црната листа на САД за корупција. На листата се наоѓаат повеќе од десетина лица од Македонија, повеќето за загрозување на безбедноста поврзано со конфликтот во 2001 година, и Никола Груевски и Сашо Мијалков, поврзано со корупција. Дека ДУИ беше затекната со ваквата одлука на САД говори тоа што ДУИ направи сѐ да го одмолчи ставањето на Рамиз Мерко на црната листа.
Но тоа не е сѐ, тоа беше само загревање за тоа што следуваше, серија откритија на богатење, купувања фирми, бизниси на семејството на Али Ахмети. Дел од информациите беа стари, како на пример вклучувањето во енергетскиот сектор со хидроцентрали. Некои од нив кружеа низ политичката чаршија. Но сега опозицијата и медиумите, поткрепено со докази го поврзаа Али Ахмети и неговото семејство со големи јавни набавки на нафта и мазут за државата, кои покрај Али Ахмети се поврзани со „Пуцко петрол“, чиј сопственик Исмаил Јахоски е пратеник на ДУИ. Како и со големи вложувања во соларна енергија, каде што има сомнеж за поврзаност на лица од Владата.
Сето ова се случи во неколку недели и сега дојде апсењето на Исмет Гури. Дури го пишувам ова можеби Исмет Гури веќе е на слобода и можеби радоста на јавноста кратко ќе трае. Зошто апсењето на Исмет Гури може да биде многу значајно? Исмет Гури не е само член на ДУИ туку член на ДУИ што е поврзан со изборни нерегуларности и деновиве повторно е осуден на три и пол години за тоа. Значи Исмет Гури не е само член на ДУИ туку некој што местел избори за ДУИ. И, да, Исмет Гури не е само член на ДУИ туку заменик-директор на Управа за јавни приходи (УЈП)! Очигледно за завршената работа за ДУИ, Исмет Гури е награден со директорско место во УЈП, клучната даночна институција на државата. Хм.
Ако се точни вестите дека Исмет Гури веднаш е пуштен, што во моментот на пишување не може да се потврди, тогаш ова можеби ќе биде многу кратка радост, дека не е искрена борба против корупција и криминал, туку политички пораки. Со пуштањето, би отпаднала можноста дека Исмет Гури е дел од новата партија на Изет Меџити и дека со ова се казнува. Можеби е порака на СДСМ до ДУИ? Што би била пораката? Деновиве извори на ДУИ брифираа дека ДУИ ја разгледува можноста за предвремени избори, доколку летово не помине иницијативата за уставни измени.
Не од национален интерес, туку чиста теснопартиска калкулација на ДУИ со брзи избори да спречи консолидација на новата партија на Изет Меџити и на етнички албанската опозиција.
Тоа не му одговара на СДСМ, бидејќи би било пуштање на СДСМ низ вода. Но не му одговара и на Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, со нескриени амбиции за кандидат за претседател на Републиката. Со предвремени избори и Влада на ВМРО-ДПМНЕ, не Оливер Спасовски, туку кој било кандидат на СДСМ нема на што да се надева на изборите за претседател на Републиката. Во политичката чаршија се зборува дека во ОЈОГОКК има повеќе подготвени кривични пријави за функционер на ДУИ и тие веројатно се чуваат за политички притисок, како сега кога ДУИ брифира за предвремени избори.
Но и тоа не е сѐ, се очекува и други функционери на ДУИ да бидат вклучени на црната листа на САД.
Од заканата за ветинг на политичари до ВМРО-ДПМНЕ нема ништо. Тоа зашто ВМРО-ДПМНЕ, тивко, без фалење во јавноста, помина низ внатрешен ветинг. Повеќе политичари, кои се со висок рејтинг и во секој момент би биле избрани на локални или парламентарни избори, не се повеќе во раководството на ВМРО-ДПМНЕ поради инкриминираност во случаите на СЈО. Да, да, поради инкриминираност, иако за нив нема ниту судења ниту пресуди. За разлика од ДУИ, каде што Исмет Гури со пресуда од основен суд, бил награден со директорска функција во УЈП.
Оттука, барањето на ВМРО-ДПМНЕ за Влада без ДУИ не е чин на антиалбанство, туку неопходен чекор за ДУИ-ветинг и за ветинг на политичкиот естаблишмент и чистење од корупција и криминал.
Авторот е аналитичар*
*Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични Блог www.megjutoa.mk @sklek