МЕЧ ЗА СВЕТСКАТА ТИТУЛА ЗА ШАХИСТКИ

Нерешено по девет партии, остануваат уште три пред тајбрејкот

Со реми заврши деветтата партија помеѓу бранителката на светската шаховска титула Ју Венјун од Кина и претендентката за титулата, нејзината сонародничка Леи Тингџи, во Чонгкинг (Кина). Резултатот остана израмнет, сега е 4,5-4,5 (по една победа за двете шахистки и седум ремија).
Предвидени се вкупно 12 партии. Денеска се игра десеттата партија, потоа следува еден ден одмор, па в петок и сабота се следните две партии. Ако биде нерешено, в недела ќе се игра т.н. тајбрејк, дополнителни партии со забрзано темпо на игра, и тоа четири меча со време за размислување 25 минути плус 10 секунди по секој потег, потоа се предвидени два со пет минути и три секунди додаток, потоа уште два такви дуела и потоа еден натпревар со три минути плус две секунди по секој потег, додека не се утврди победничката, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ).
Наградниот фонд е 500.000 евра, од кои 300.000 за победничката, 200.000 евра за вицешампионката, а ако дуелот се реши во тајбрејк, победничката ќе освои 275.000 евра, а второпласираната 225.000, пишува ФИДЕ.


ФУДБАЛ

Севилја и Индепендиенте вечерва играат во т.н. клупски предизвик на УЕФА и КОНМЕБОЛ

Севилја (Шпанија) и Индепендиенте дел Вале (Еквадор) ќе се сретнат во т.н. клупски предизвик, нов меч организиран од Европската фудбалска унија (УЕФА) и Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ), денеска (од 22 часот), во Севилја. Тоа е дуел помеѓу победниците на клупски натпреварувања, Лига Европа и на Копа судамерикана и дел од проширувањето на соработката помеѓу УЕФА и КОНМЕБОЛ, по мечевите финалисима, помеѓу континенталните шампиони Италија и Аргентина, лани, во Лондон.
Клупскиот предизвик е еднократен меч (90 минути, без продолженија), кој се смета за пријателски, а двата клуба се согласија на неограничен број замени, пишува УЕФА. Севилја ја победи италијанската Рома на пенали во финалето на Лига Европа за седми успех на клубот во натпреварувањето, а Индепендиенте дел Вале го совлада бразилскиот Сао Паоло со 2-0 во финалето на Копа судамерикана лани, за втора титула на клубот во натпреварувањето.
Севилја се подготвува за новата сезона, а Индепендиенте дел Вале е во средината на својата сезона, која трае од февруари до декември 2023 година, а го освои првото место во групната фаза на Копа либертадорес и во осминафиналето ќе игра со колумбискиот Депортиво Переира. Индепендиенте дел Вале исто така го освои Рекопа судамерикана (еквивалент на Суперкупот на Европа), победувајќи го бразилскиот Фламенго на пенали.