Македонското друштво „Сонце“ учествуваше во активностите на проектот „Иднината е во потеклото“, поддржан од Комитетот за национални малцинства при владата на Албанија. Настанот беше организиран од припадниците на грчкото малцинство во Албанија, а се одржа на фармата Фустанела-Петрела. Малцинствата што живеат во Република Албанија имаа можност да се претстават со својата традиционална кујна, како и со традиционалните народни носии.
Во активностите при проектот „Иднината е во потеклото“ учествуваа и дипломати од дипломатскиот кор во Република Албанија, како и претставници од централната и локалната албанска власт. Претседателката на Комитетот за национални малцинства, Константина Бежани, се обрати пред присутните и вети продолжување на поддршка за активности на малцинствата, во зачувување на нивниот етнички, јазичен, културен идентитет. На настанот присуствуваше и Лутвим Cпахиу, вториот човек во македонската амбасада во Тирана, како и Марјана Костофски, претставничка на македонската заедница во Комитетот за национални малцинства.
Во текот на активностите при проектот „Иднината е во потеклото“, Македонците од Албанија презентираа дел од својата македонска традиција во Албанија, а наедно се претставија и со дел од раскошната понуда на традиционалните јадења на Македонците од Мала Преспа, како и со оригиналните носии на нашите сонародници. Присутните покажаа забележлив интерес за македонскиот штанд, а многумина од нив не одолеаја на богатата понуда, па вкусија од храната.
– За нас, како и за другите малцинства, ова е многу значаен настан, каде што можеме да презентираме дел од нашата традиција. Овој пат се претставивме со традиционалното јадење на Македонците од Мала Преспа, тава со крап, што е наш специјалитет, надалеку познат, како и со традиционалните носии од Мала Преспа – вели Васил Стерјовски, претседател на македонското друштво „Сонце“.