Скопскиот дувачки квинтет ќе има настап во Македонскиот културен центар во Загреб, утре во 20 часот. На програмата ќе бидат изведени дела од Хајдн, Фаркаш, Бизе, Бранѓолица, Арнолд, Д‘Агостини и Ѓ. Смокварски – Тешкото…

Скопскиот дувачки квинтет постои повеќе од четириесет години и претставува дел од една традиција на камерна дружба меѓу плејада македонски уметници од дувачката
фела. Овој камерен состав во текот на своето постоење изведува дела од Светската
ризница како и дела од македонски автори, некои и специјално напишани за овој
ансамбл. Во него доаѓаа и заминуваа големи мајстори на своите инструменти, секогаш
со желба и пораки Скопскиот дувачки квинтет да опстане и продолжи. Остварил голем број настапи во земјава и пошироко, како и бројни тонски и ТВ записи.

Заради своите успеси овој камерен состав е многупати наградуван со врвни награди
како Ноемвриска награда на град Скопје, Награда за успешност од Културно просветна
заедница на град Скопје, Октомвриска награда – највисоко државно признание итн.

Скопскиот дувачки квинтет гостува на познати манифестации и фестивали во земјата:
Охридско лето, Денови на македонска музика, Скопско лето како и во странство во
Словенија, Хрватска, Босна, Бугарија, Австрија, САД, Русија, Израел, Полска, Србија, Црна Гора, Косово и др.

Од 2002 година Скопскиот дувачки квинтет ја продолжува својата уметничка дејност под уметничко водство на Проф.М-р Васил Атанасов, со голем ентузијазам, исполнителска енергија и врвен уметнички професионализам.

По концертот во Виена-Австрија во март 2015 година музичката критика ќе напише со
наслов: “Скопскиот дувачки квинтет ја освои Виена”, цитираме: со грижливо избрана
програма, јасно нагласена музикалност и истенчен вкус за обликување и дозирање на
колективниот звук во ваjање на мелодиските линии и комплименти за бравурозна
изведба, воодушеви Скопскиот дувачки квинтет.

Во 2019 година Скопскиот дувачки квинтет ја доби наградата „Златна лира” највисоко
признание кое го доделува Сојузот на музички уметници на Македонија за животно
дело и врвни уметнички резултати. Изминатите години Скопскиот дувачки квинтет
реализира голем број радио и тв записи како и два компакт диска 2010 и 2014 година,
со изведба на дела од светската ризница и македонски автори.

Сегашниот состав го сочинуваат познати македонски уметници – членови на
Камерниот оркестар Скопски солисти, Македонската филхармонија и Македонската опера.
Состав
Марија Јакимовска, флејта
Васил Атанасов, обоа
Ристо Ѓоревски, кларинет
Орце Ицковски, фагот
Александар Гошев, хорна