Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека сѐ уште нема конкретен датум за владината седница на која ќе бидат ставени на дневен ред уставните измени. Ковачевски изрази уверување дека и ВМРО-ДПМНЕ ќе се приклучат во носењето на одлуката за уставните измени во текот на наредниот период.
Нема конкретен датум, рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање во Свети Николе. Претходно тој исто така кажа дека од вчера до денеска нема ништо ново во однос на евентуални разговори со опозицијата.
Како владина коалиција и СДСМ, рече премиерот, ние имаме многу јасен став земјата да стане членка на НАТО.
– ВМРО-ДПМНЕ тогаш беше против. Исто така да станеме земја фактор на стабилност на Балканот, што го направивме. Ги започнавме преговорите со ЕУ по 17 години чекање и што се однесува до нашиот став многу е јасно каде оди Северна Македонија а тоа е во полноправно членство во ЕУ. Затоа оставаме простор за прв пат во историјата ВМРО-ДПМНЕ заедно со нивното раководство да се одлучат да бидат дел од носењето на една ваква одлука и продолжување на европската интеграција на државата – кажа премиерот.
Се наврати на поддршката што ја добиваме на тој пат од страна на нашите партнери ЕУ и САД.
Да бидат направени сите институционални проверки за случајот со Мерко
„Беседа за Вудро Вилсон“ го нарече премиерот Димитар Ковачевски соопштението на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко објавено на Фејсбук страницата на општина Струга, потенцирајќи дека општината требаше веднаш да биде на располагање на истражните органи.
– Гледав дека од сабајле тој на социјалните медиуми има една беседа за Вудро Вилсон со американски знамиња итн и каде што кажува дека општината е отворена за сите истражни органи кои што треба да ги испитаат наводите и основите врз основа на кои тој се најде на црната листа. Тоа што тој го избеседи сабајле јас всушнист го бев кажал и првиот ден дека општината треба да биде веднаш на располагање, да бидат направени сите проверки – рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање во Свети Николе.
Како што кажа, добро е што јавното обвинителство веќе формирало комисија која што тоа треба да го испита случајот и на таков институционален начин треба да функционира државата.
– Повторувам Владата ниту е обвинител ниту е судија. Јас нема да го правам тоа што го правеле некои поранешни премиери заради што мора да одат да живеат во други земји – рече премиерот Ковачевски.