Израел има значителни енергетски амбиции, па затоа е наредено сите нови нестанбени згради да имаат соларни панели на покривот, што ќе ѝ помогне на земјата да ги постигне своите цели за обновлива енергија. Намерата е да се задоволи рапидно растечката потреба на населението од електрична енергија.
Иако Израел има доволно сончева светлина, нејзиниот опсег е премногу мал за да се потпре на традиционалните копнени фотоволтаични електраоцентрали. Ветерната енергија и хидроенергијата исто така не се опции за нацијата.
Рон Ајфер, шеф на одделот за одржлива енергија во Министерството за енергетика, во изјава за „Ројтерс“ вели дека Израел е значително зависен од сонцето како обновлив ресурс, но нема земјиште за соларни фарми.
Поради тоа земјата заостанува зад планираната реализација на нејзината амбициозна цел до 2030 година да добие 30 отсто од електричната енергија од обновливи извори.
– Мораме да преземеме некои драматични чекори – рече Ајфер.
Чекорите вклучуваат владина наредба, со која се бара сите нови нестанбени згради да бидат опремени со соларни панели на нивните покриви. Минатиот месец беше усвоен предлогот за донесување на државниот буџет.
Израел веќе докажа дека таквите иницијативи можат да успеат. Владата пред 10 години побара од населението да користи бојлери на соларна енергија, а денес ваквите бојлери трошат осум отсто од електричната енергија. За жал, повеќето комерцијални соларни полиња во Израел се изградени во јужната пустина Негев, далеку од најголемите и најнаселените градови.
– Покрај загубата на електрична енергија при транзит од долги растојанија до центарот на земјата, важно е да се одржуваат отворени простори. Не можете само да ја покриете целата пустина со соларни панели. Затоа ни треба повеќе соларна енергија таму каде што има поголема побарувачка за електрична енергија што се добива од соларни панели поставени на покривите, кои имаат двојна намена – рече Ајфер.
Тој додаде дека околу 60 отсто од новите панели ќе имаат двојна намена, ќе се користат како покриви, а ќе произведуваат и енергија.