Младиот ликовен уметник Методија Јованов од Кавадарци, кој својата уметничка визија ја карактеризира како „одличен кич“ – дрско осудување на помпезноста на авангардата, поимот „добар вкус“ и минимализмот, ја отвори својата прва самостојна изложба во Музеј-галеријата во Кавадарци, изложувајќи триесетина дела. Творештвото на Јованов е главно закотвено во традиционалното сликарство, користејќи различни техники додека уметничките истражувања опфаќаат широк спектар на теми, но всушност негова муза во голема мера е поп-културата.
– Кичот е одличен од причина што едни вакви времиња знае да ги претстави на забавен начин, прославувајќи ја баналноста на секојдневниот живот. Кич-уметноста користи препознатливи симболи, теми и иконографија од популарната култура, со што всушност е одраз на една генерација – па и општество. Ова презентирање на „соџвакана“ визуелна порака придонесува за лесна комуникација помеѓу делата и набљудувачот и ја избегнува претенциозноста, која е често присутна во светот на ликовната уметност. Затоа верувам дека кич-уметноста може да биде мост помеѓу генерално уметноста и пошироката јавност, предизвикувајќи зголемен интерес за ликовно изразување и ангажирање – вели Јованов.
Ликовната критика смета дека неговата естетика е информирана од еклектичен опсег на светлечки личности од светот на модата, уметноста и забавата, вклучувајќи ги тука Дијана Вриланд, Енди Ворхол, Ив Сен Лоран, Дита фон Тиз, Елтон Џон, Тамара де Лемпуцка, Лана дел Реј и Анри Матис.
Методија Јованов во 1997 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, под менторство на Благоја Маневски.