Група родители преку писмо до јавноста тврди дека двегодишно дете во вторникот накратко ја напуштило градинката „Детска радост“ во Автокоманда без да биде забележано, пред да биде пронајдено по извесно време. Тие изразија вознемиреност од случката по повод на која реагира и градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски, кој како и родителите, побара од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) да ја разреши директорката на градинката. МТСП соопшти дека стапило во контакт со вработените во градинката и најави вонреден инспекциски надзор за утврдување на околностите.
– Сакам да изразам сериозна загриженост за безбедноста и сигурноста на дечињата кои ја посетуваат детската градинка „Детска радост“ во Автокоманда. Како родител на дете кое до неодамна ја посетуваше градинката сериозно ме вознемири информацијата дека двегодишно дете успеало да го напушти градинката без тоа да биде забележано од страна на вработената која е задолжена да се грижи за децата – изјави Стефковски.
Тој додаде дека информацијата за овој случај ја добил од загрижени родители во текот на вчерашниот ден. Стефковски вели дека недозволиво е дете, кое е оставено на згрижување во детска градинка, да го напушти објектот без воопшто да биде забележано.
– Очекувам министерката Јованка Тренчевска овој пат да постапи согласно Законот за заштита на деца, бидејќи одговорноста за случајот, но и за се во иднина е единствено во Министерството за труд и социјална политика – вели Стефковски.
Тој бара од Министерството под чија надлежност е градинката „Детска радост“ да ја разреши директорката на градинката, бидејќи, како што тврдат родителите, наместо соодветна постапка за утврдување на одговорност на вработената, директорката ѝ изрекла мерка за усна опомена.
Родителите кои алармираа за случајот истакнаа дека вчера одржале состанок на кој присуствувале родители на 116 деца кои ја посетуваат градинката. Тие обвинуваат за неажурност и негрижа на вработената под чија грижа детето ја напуштило градинката.
Тие исто така побараа од министерката Тренчевска да ја разреши директорката на градинката, како и да биде покрената дисциплинска постапка за утврдување на одговорноста на вработена во градинката за случајот.
Директорката на градинката „Детска радост“, Анета Петровска, во изјава за медиумите потврди дека инцидентот се случил, но смета дека е преувеличен. Таа тврди дека случката траела минута-две и оти немало потрага. Според неа, детето излегло надвор низ вратата во дворот од градинката, по што било пресретнато од родител и набргу било вратено во градинката од страна на вработената.
Министерството за труд и социјална политика во врска со настанот за наводно исчезнување на дете од градинката „Детска Радост“ во општина Гази Баба информира дека е контактирано со директорката на градинката и дека на негувателката ѝ е издадена писмена опомена.
– Министерството за труд и социјална политика во врска со настанот за кои пишуваат медиумите, за наводно исчезнување на дете од ЈОУДГ „Детска Радост“, Општина Гази Баба, а во насока на целосна и точна информација и расветлување за настанот, информира дека е запознаено со случајот и од комуникацијата со директорката на предучилишната установа, информираме дека истата изјави дека веднаш по дознавањето на настанот ги повикала одговорните вработени и раководителката на објектот „Темјанушка“ при што било изјавено дека детето било излезено во дворот на градинката и вратено веднаш од родител во згрижувачката група – наведува МТСП во денешното соопштение.
Согласно ингеренциите на директорката на градинката, како што е посочено во соопштението, веднаш бил повикан стручниот тим, инволвираните вработени и раководителката на објектот.
– Следствено на извршениот разговор веднаш на вработената негувателка од групата каде престојувало детето и е издадена писмена опомена, а веќе е формирана и Комисија за утврдување на дисциплинска одговорност за инволвираните вработени и одговорни за згрижување на детето – велат од МТСП.
Оттаму посочуваат дека инспекциските служби на МТСП ќе извршат вонреден инспекциски надзор согласно нивните ингеренции, за утврдување на фактичката состојба за настанот.