Американската вселенска агенција НАСА планира да врати луѓе на Месечината за првпат по „Аполо 17“ во 1972 година, но потенцијалното одложување на испораката на лунарниот лендер на „Спејс-екс“, дел од договорот вреден 2,89 милијарди долари, ја доведува во опасност мисијата „Артемида 3“.
Џим Фри, администратор на НАСА за развој на истражувачки системи, ја изрази загриженоста неодамна за време на состанокот на Одборот за аеронаутика и вселенско инженерство и на Одборот за вселенски студии на Националната академија.
Вселенската агенција го избра „Спејс-екс“ да ја развие ракетата „старшип“, која ќе служи како лендер за слетување на површината на Месечината. Со неа на Месечината ќе се спуштат двајца американски астронаути. Сепак, ракетата ќе треба да изврши мисија без екипаж на површината на Месечината пред вистинската експедиција со екипаж. Исто така, во орбитата ќе биде лансирано „возило цистерна за гориво“ и ќе се изврши демонстрација на пренос на криогенски течности.
– Тоа се многу лансирања за да се завршат тие мисии. Тие имаат значителен број лансирања пред нив и тоа ме загрижува кога станува збор за датумот на мисијата „Артемида 3“ во декември 2025 година. Со оглед на тешкотиите што ги имаше „Спејс-екс“, мислам дека навистина е загрижувачки – рече Фри.
Ракетата „старшип“ на „Спејс-екс“ моментално е приземјена откако минатиот месец тест-летот заврши со експлозија неколку минути по летот. Всушност, системот за прекин на летот беше активиран по неколку застанувања на моторот во лет.
– Тие прават сѐ што можат, бараат дозвола за следната мисија – додаде Фри.
Иако „Спејс-екс“ не објави информации по анализата на експлозијата на ракетата, ниту датум за следниот обид за лансирање, главниот извршен директор на компанијата, Илон Маск, изјави дека ракетата „старшип“ ќе биде готова за два месеца. Дали тоа навистина ќе се случи, тешко е да се каже, особено затоа што нема видлив напредок на космодромот Старбејз во Бока Чика, Тексас.
Сепак, Фри е убеден дека „Спејс-екс“ ќе го испорача лендерот и рече дека НАСА е заштитена од дополнителни трошоци благодарение на структурата на договорот за системот за човечко слетување и фиксната цена.
„Спејс-екс“ и НАСА го одложија прегледот на дизајнот на лендерот додека „Спејс-екс“ не покаже криогенско полнење гориво во орбитата на Земјата.