Изложбата „One Cloud Away“ – „Еден Облак Подалеку“ од уметницата Татјана Винона Јонеска ќе биде отворена во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп вечерва од 19.30 ч. Ова е нејзина прва самостојна изложба во роднито град и во Македонија, каде што ќе ги претстави неодамнешните и тековните дела кои ќе се обидат да ја вградат архитектурата на галеријата како агент кој активно придонесува за целината на самото дело.
– Преку внесување на елементи на фрактална геометрија, идеи за проширена реалност, поетско истражување на просторот и обиди да се доловат минливите ‘транзитни’ моменти, изложбата ќе ја покани публиката да отвори прашања околу поимот просторни и временски растојанија и близина –велат од Центарот за култура „Марко Цепенков“ за изложбата.
Татјана Винона Јонеска е уметник кој живее и работи во Лондон. Магистрирала на престижниот Кралски колеџ за уметност / Royal College of Art London, во одделот Современа уметничка пракса – критичка практика. Пред тоа студирала на подеднакво престижниот колеџ за уметности во Chelsea College of Arts – Универзитетот за уметности во Лондон, каде што ја завршила својата диплома по ликовна уметност со почести од 1-вa класa. Винона има мултидисциплинарна практика водена од екстензивно теоретско истражување и експериментирање, што формално се занимава со прашања околу перцепција, истражување за тоа како се среќаваме со просторот и како ја доживуваме темпоралноста. Учествувала на бројни групни изложби во Обединетото Кралство и на меѓународно ниво. Ка.М.