Фестивалот на Југоисточна Европа, SEE FF 2023, годинава го имаше своето 13. издание во Париз, 8. во Берлин, а по трет пат и во главниот град на САД, Вашингтон.
Овогодишната богата програма од играни, документарни, кратки и анимирани филмови, предизвика голем интерес кај американската и европската публика.
Европското и Американското жири на фестивалот ги донесоа одлуките за добитниците на награди на фестивалот.


Американското жири во состав Роман Костовски, претседател, Џеклин Хедингтон, Партисија Корбет, наградата за најдобар игран филм му ја додели „Вера“ од Србија, во режија на Недељко Ковачиќ., кој истотака ја понесе наградата за најдобра актерка Јована Стојиљковиќ, додека пак за најдобар актер беше прогласен турскиот актер Ченк Изгерен.


Наградата за најдобро сценарио му припадна на српскиот филм „Тагата на дивечот“, во кој еден од авторите на сценариото е легендарниот Живојин Павловиќ, а пак за најдобар краток филм беше прогласен македонскиот „Шеќерни луѓе“ од Сузана Диневски. Наградата за најдобар документарен филм ја добија: „Боите и ритамот на немирот“ од Саида Мусајбеговиќ, (БиХ) и „Спасувач“ од Гергели Хајнал (Унгарија). За најдобар анимиран филм беше прогласен „Малиот човек во голем капут “ (Црна Гора).
Европското жири на фестивалот, за Париз и Берлин, во состав Фроса Пејоска-Бушро, претседател, Фредерик Фапани фон Лотринген, Ив Русле и Игор Станковиќ наградата за најдобар филм ја додели на босанскиот филм „Аманет“ во режија на Мирза Беговиќ, кој истовремено доби и награди за најдобра актерка (Ива Филиповиќ) и најдобро сценарио. Наградата најдобар актер ја понесе Предраг Мики Манојловиќ, еден од најзначајните актери на балканската филмска сцена. За најдобар режисер беше прогласен Недељко Ковачиќ од Србија за неговиот филм „Вера“. Наградата за најдобар краток филм ја добија „Далечни полиња“ од Филип Јембрих (Словенија), и „Се одеше по сигурен тек“ (Црна Гора). За најдобар анимиран филм беше избран унгарскиот „Глич“, додека наградата најдобар документарен филм ја понесоа Силвио Мирошниченко од Хрватска за „Ривиера“ и Јарослав Вшедибил за филмот „Крај на долината на солзите“, (Романија).
Покрај традиционалните награди за животно дело што беа доделени на познати синеасти од Балканот, оваа година и во Париз, и во Берлин и во Вашингтон беше прикажано обраќањето и портретот на овогодишниот добитник на наградата Личност на Југоисточна Европа 2023 – македонскиот бизнисмен и градоначалник на Радовиш, Ацо Ристов.


Во почетокот на октомври, по повод одбележувањето на илјадагодишнината по постоењето на Радовиш ќе биде организирана меѓународната конференција „Обединет Балкан во обединета Европа“, на која специјални гости ќе бидат сите добитници на нагрдите во Париз,Берлин и Вашингтон.
Фестивалот се организира во соработка на универзитетите Еуропа Прима од Скопје, ИНАЛКО од Париз, Хумболд од Берлин, Американ Јуниверсити од Вашингтон, како и издавачката куќа Пламен Прес, исто така од Вашингтон.