Саудиска Арабија најави дека ќе го намали производството на нафта за еден
милион барели на ден (бнд) од јули. Намалувањето следува по претходните
најави на ОПЕК+ за ограничување на резервите, бидејќи групата сака да ги
зголеми цените нафтата
Ненадејната најава на ОПЕК+ за дополнително намалување на производството во април предизвика да се зголемат цените за околу девет долари за барел и да достигнат вредност поголема од 83 долари за барел. Сепак, референтните цени на суровата нафта оттогаш ги намалија тие вредности, при што фјучерсите на нафтата „брент“ се тргуваа за нешто под 78 долари за барел во понеделникот.
Во неделата, производителите на ОПЕК се согласија да ги продолжат претходните намалувања на снабдувањето до крајот на 2024 година. Саудискиот министер за енергија, принцот Абдулазиз бин Салман, рече дека производството на Саудиска Арабија ќе се намали на девет милиони барели дневно во јули од околу 10 милиони барели дневно во мај. Принцот Абдулазиз рече дека ќе стори „сè што е потребно за да донесе стабилност на пазарот“, по тензичниот состанок на ОПЕК+.
Западот постојано го критикуваше ОПЕК за манипулирање со цените, додека САД размислуваат за законодавството познато како НОПЕК, кое би дозволило запленување на имотот на ОПЕК на американска територија доколку се докажат пазарни недоследности.
ОПЕК+ испорачува околу 40 отсто од светската сурова нафта и го намали своето производство за 4,6 милиони барели дневно од октомври 2022 година, што изнесува 4,7 отсто од глобалната побарувачка.