Во рамки на кампањата „Засади желба за одржлива иднина“ пензиските друштва денес го посетија средното училиште „Коле Неделковски“ во Велес, каде што го засадија единаесеттиот Пензиски парк.
Досега КБ Прво пензиско друштво а.д. Скопје, Сава пензиско друштво а.д. Скопје и Триглав пензиско друштво а.д. Скопје вакви паркови засадија во Скопје, Охрид, Куманово, Струмица и Свети Николе, како што најавија на самиот почеток на оваа едукативна кампања, дека ќе се стремат кон што е можно повеќе општествено одговорни активности во училиштата низ државата во кои ќе заживее грижата за иднината преку симболиката на зелените паркови.
Во оваа прилика, за целта на кампањата зборуваше Марија Ѓорѓиевска, член на Управниот одбор во Сава пензиско друштво а.д. Скопје како претставник на трите пензиски друштва.
– Одржливиот развој е особено актуелна тема во изминатите години, а нејзиното значење уште повеќе ќе се зголемува, бидејќи се фокусира на еден многу важен аспект на континуитет и одржливост на планетата земја. Таа одржливост можеме да ја препознаеме во нашата одговорност пред сè кон самите себеси, кон нашите најблиски, а ние како пензиски друштва ја препознаваме во одговорноста кон нашите членови – идни пензионери, кон нашите вработени и околината во која живееме. Вие сте многу млади, исто како овие дрвца кои ќе ги засадиме денес. Вие имате пред вас еден цел
животен и работен век во кој треба да создавате вредност, да живеете на начин кој го посакувате, но и да си обезбедите пристојна старост. Од првиот ден на вработувањето, дел од вашите примања ќе одат во пензискиот систем и особено е важно да знаете каде тие одат и што се случува со нив. Пензијата започнува со моментот на вработување. Кога ќе ви се случи тој момент на прво вработување, запаметете дека тогаш треба да започнете со грижа за вашата иднина и за вашата пензија. Одговорност и грижа, тоа се двата аспекти за подобро утре, за одржлив развој – изјави Ѓорѓиевска.
Пред почетокот на активностите за чистење на училишниот двор и садење на новите 15 садници, до присутните се обрати и директорката на ССОУ „Коле Неделковски“, Весна Стојанова Богоевска.
– Сакам да се заблагодарам на пензиските друштва кои овозможија нашето училиште да биде прво во општина Велес кое се приклучува на кампањата „Засади желба за одржлива иднина“. Задоволство и чест е да се биде дел од групата на успешни училишта кои започнуваат една значајна мисија која ќе овозможи многу почиста животна средина. Живееме во ера на големи еколошки проблеми и во најголем број случаи самите ние сме виновни за тоа. Денес, повеќе од кога и да е, подигната е свеста на нашиот народ, пред сѐ на учениците дека е потребно да ја заштитиме природата за да можеме да дишеме чист воздух, да пиеме чиста вода, да јадеме здрава храна. Со инвестирањето во здравата животна средина инвестираме во нашите деца кои се нашата иднина. Токму затоа, секој од нас треба да даде свој придонес за зачувување на природата, затоа што помагајќи ѝ на природата, си помагаме на себе. Секоја промена треба да започне од нас. Нека тој момент биде денес, затоа што утре е веќе доцна. Сигурна сум дека денешниот ден ќе биде мотивација за нашите вработени и ученици да ја продолжат мисијата на пензиските друштва и ќе се вклучат во акции со слична цел – изјави таа.
Во следните фази од кампањата пензиските друштва најавуваат активности со кои ќе ги активираат студентите, но и пошироката јавност.
Сите информации и активности поврзани со кампањата „Засади желба, за одржлива иднина“ се достапни на веб-страницата www.penzija.mk.