ФУДБАЛ – ПО ТИТУЛАТА, ОСВОЕН Е И ТРОФЕЈОТ ВО ФА-КУПОТ НА АНГЛИЈА
Англискиот првак сега е победник и во домашното куп-натпреварување по победата на дуелот со Манчестер јунајтед, а в сабота претстои дуелот во финалето на Лигата на шампионите, со Интер. Тројна круна во европскиот фудбал досега освоиле седум клуба
Пеп Гвардиола конечно е подготвен да зборува за тројната круна откако Манчестер сити го победи Манчестер јунајтед со 2-1 во финалето на англискиот фудбалски ФА-куп на стадионот „Вембли“, пишува „Скај спорт“. Два волеј-удари на Илкај Гундоган, од кои првиот дојде по само 12 секунди игра, му овозможија на шампионот во Премиер-лигата да ја комплетира домашната двојна круна. Манчестер сити игра со Интер в сабота во Истанбул, во финалето на Лигата на шампионите, и англискиот првак ќе игра за да се израмни со историскиот подвиг на Манчестер јунајтед од 1999 година.
– Сега првпат да можеме да зборуваме за тројната круна. Мечот со Манчестер јунајтед беше посебен за нашиот град, за нашите навивачи. Се претставивме навистина добро. Навистина, навистина добро. Презадоволен сум – изјави Гвардиола за „Би-би-си“, пренесе „Скај спорт“.
Елаборирајќи на прес-конференцијата потоа, Гвардиола рече дека неговиот тим треба да го победи Интер за да го заслужи признанието што го заслужува.
– Постигнавме неверојатно, пет титули, по два ФА-купа и лига-купа, но мора да ја освоиме Лигата на шампионите за да ни биде признаено како што тимот заслужува да биде. Беше неверојатно, беше забавно, но мораме да го освоиме. Ние сме на еден натпревар. Им реков на играчите дека треба да извршат притисок врз себе. За да ве препознаат како нешто добро, треба да ја освоите Европа – вели Гвардиола, пренесе „Скај спорт“.
Манчестер јунајтед сезонава победи во Лига-купот на Англија и го освои третото место во Премиер-лигата.
– Имавме фантастична сезона. Ако се земе предвид до пред овој меч и Сити и ние имавме по 42 победи. Одигравме фантастична сезона, подобра од очекувањата. Се пласиравме во Лигата на шампионите, освоивме трофеј и стигнавме до уште едно финале. Навистина сум среќен од настапот – рече тренерот на Манчестер јунајтед, Ерик тен Хаг.
Тројна круна (освоени европска и домашна титула и домашен куп во една сезона) во европскиот фудбал досега по двапати остварија Барселона (Шпанија) и Баерн (Германија), а по еднаш Манчестер јунајтед (Англија), Селтик (Шкотска, прв клуб со ваков успех), Ајакс, ПСВ Ајндховен (двата од Холандија) и Интер (Италија). Н.М.