ФУДБАЛ – ГЕРМАНИЈА
Баерн ја освои 33-та титула на драматичен начин
Баерн ја освои 11-та последователна титула (вкупно 33-та) во германската фудбалска Бундеслига, откако го победи Келн на гости со 2-1 и ја престигна Борусија Дортмунд во возбудливото последно коло сезонава.
Борусија Дортмунд ќе ја освоеше својата прва титула од 2012 година доколку го совладаше Мајнц, но ремито 2-2 ја отвори вратата за Баерн, кој го искористи тоа благодарение на голот за победа на Џамал Мусиала во 89. минута. Тимот од Дортмунд губеше со 0-2, а израмни во последните моменти од тој дуел на домашен терен.
Баерн ја освои титулата според вкупната гол-разлика, откако и двете екипи имаат по 71 бод по 34-те кола. Баерн стана првиот тим што ја освоил титулата во германската фудбалска Бундеслига откако го почна последното коло од сезоната на второто место, од сезоната 1999/2000, кога го победи Баер за титулата.
Со оваа драматична победа, тренерот Томас Тухел го освои првиот трофеј во Бундеслигата. Тој е седмиот различен тренер кој ја освоил титулата со Баерн во претходните осум години, по Пеп Гвардиола, Карло Анчелоти, Јуп Хејнкес, Нико Ковач, Ханси Флик, кој ја освои двапати, и Јулијан Нагелсман, пишува „Би-би-си“.
Напаѓачот Томас Милер и повредениот голман Мануел Ноер, кој ја пропушти втората полусезона откако ја скрши ногата, заедно го кренаа трофејот, кој го освоија 11 пати заедно.
ФУДБАЛ – ФРАНЦИЈА
Рекорди на ПСЖ и на Меси
Лионел Меси постигна нов рекорден гол кога Пари Сен Жермен ја освои 11-та фудбалска титула во Франција, со ремито во Стразбур, 1-1, во 37. коло од првенството на таа земја. Голот на Меси, по додавањето од Килијан Мбапе, е негов 496-ти во најсилните пет европски домашни првенства (Англија, Италија, Франција, Шпанија и Германија), надминувајќи ги 495-те гола на Кристијано Роналдо, пишува „Би-би-си“.
Меси, кој претходно настапуваше за Барселона, сега има 32 гола во дресот на Пари Сен Жермен. ПСЖ со освоената титула го надмина претходниот рекорд на Сент Етјен и на Марсеј, кои имаат по 10 француски титули, по осум имаат Монако и Нант…
ФУДБАЛ – АНГЛИЈА
Лутон го заокружи неверојатното патување
Лутон го заврши својот пат од фудбалски нелигаш до пласман во Премиер-лигата, бидејќи го победи Ковентри со 6-5 на пенали во финалето на плејофот на дивизијата Чемпионшип на стадионот „Вембли“. По 120 минути игра, резултатот беше 1-1. Откако последен пат играше во првата лига на англискиот фудбал во 1992 година, годината кога почна Премиер-лигата, Лутон чекаше 31 година за да го заземе своето место меѓу најсилните англиски тимови. Но Лутин беше на петтото ниво пред само девет години. Лутон стана првата екипа што од англиската Премиер-лига отиде во нелигашките првенства и се врати назад. Се комплетира и извонредно достигнување за тренерот Роб Едвардс, кој ја почна сезонава во дивизијата Чемпионшип како менаџер на Вотфорд, а сега оствари нова промоција со Лутон, една година од управувањето со Форест грин до титулата во Лига 2.
СП ЗА ФУДБАЛЕРИ ДО 20 ГОДИНИ
Уште три слободни места во осминафиналето
На Светското првенство за фудбалери до 20 години, што се игра во Аргентина, по некомплетното трето коло од групната фаза во осминафиналето се пласираа 13 репрезентации. Меѓу 16-те најдобри селекции се Аргентина, Узбекистан, Нов Зеланд, САД, Еквадор, Колумбија, Израел, Бразил, Италија, Нигерија, Англија, Гамбија и Јужна Кореја. Ова е 23-то светско младинско првенство, Аргентина е најтрофејна со шест планетарни титули, а потоа е Бразил со пет…