Работното време на коридорите 8 и 10д кое „Гласен Текстилец“ пред само неколку месеца го оспори пред Уставен суд, а тој суд го оцени како неуставно законско решение, денеска беше донесено со европско знаменце од страна на владината коалиција – се вели во писмената реакција од Кристина Ампева од Здружението „Гласен Текстилец“.
Посочува дека ова е уште еден пример на злоупотреба на европското знаменце, кршење на конвенциите на Меѓународната организација на трудот.
– Ова е враќање во феудалистичко општество и експлоатација на градежните работници. Ова е само еден грозен почеток на злоупотреба на работничките права, со наводно стратешки проект и дозвола за прекувремена незаконска работа, кој почеток понатаму ќе се користи и за останати дејности да бидат квалификувани како стратешки дејности, проекти, интереси, под влијание на разни структури, крупниот капитал, олигарсите – вели Ампева.
Забележува дека ова е пораз за сите работници, за сите синдикати и за нив како организација, која пред неколку месеци го оспори ова пред Уставен суд.
– Оттука упатуваме голема загриженост за состојбата со човековите права, со почитувањето на законите, злоупотреби со европско знаменце за неевропски закон. Но, и очекуваме дека претседателот на државата, Стево Пендаровски денешните изгласани закони, вклучително и измената во Законот за работни односи нема да бидат потпишани од негова страна – подвлекува Ампева во соопштението.