Предизборната кампања беше жестока. На површина се извадија „валканите алишта“ при што никој никого не поштеди. Предизборната кампања уште повеќе ја продлабочи поларизацијата на грчкото општество. Во јавната дискусија со месеци во пресрет на изборите доминираа скандали, лажни вести, навреди и клевети
Грција в недела на парламентарни избори
В недела, Грција излегува на најнеизвесните избори во последната деценија. Ова го покажуваат анализите на најрелевантните агенции за истражување на јавното мислење кај нашиот јужен сосед. Според информациите од споменатите агенции, засега за фаворит на изборите се смета Нова демократија. Второрангирана политичка партија е СИРИЗА, а трета ПАСОК – Движење на промена. Речиси 10 милиони Грци имаат право на глас, а околу 440.000 16-годишници првпат ќе гласаат. Интересен податок, според овие анкети е дека секој десетти Грк не знае за кого ќе гласа, бидејќи многумина велат дека се разочарани од политиката.
Во врска со лидерите на политичките партии што ќе влезат во изборната трка, анкетите покажуваат дека актуелниот премиер Киријакос Мицотакис има благо водство од околу шест проценти предност пред поранешниот премиер Алексис Ципрас. Аналитичарите заклучуваат дека тоа нема да биде доволно за убедлива победа на парламентарните избори. Во истиот контекст тие коментираат дека мали се изгледите некоја од партиите да обезбеди апсолутно мнозинство во парламентот од 300 места, па нема да биде изненадување да дојде до нови избори на почетокот на јули.
Статистиката покажува дека Мицотакис никогаш не загубил од Ципрас. Го победи трипати – на национално, локално и европско ниво.
Мицотакис вети минимална плата од 1.000 евра, а Ципрас ќе се бори против „бугарски плати и британски цени“
Грците се држат до традицијата, па така, во четвртокот, предизборен митинг на плоштадот „Синтагма“ пред грчкиот парламент држи опозициската партија, во случајов СИРИЗА, при што пред присутните се обрати лидерот Алексис Ципрас, а вчера централен собир и говор во Атина имаше Нова демократија, во чие име зборуваше Кирјакос Мицотакис.
Кога се зборува за предизборната кампања треба да се спомне дека овој пат беше видливо вртењето кон помладата популација, затоа што партиите, освен традиционалните методи на агитирање, одбраа да говорат и за поопуштени теми, гостувајќи во забавни емисии и кај млади блогери и јутјубери, а паралелно Мицотакис и Ципрас се активни на социјалните мрежи, особено на Тик ток.
Партијата Нова демократија на Мицотакис вети натамошно зголемување на месечната минимална плата на 1.000 евра, намалување на невработеноста и големи инвестиции во недоволно финансираниот јавен здравствен систем на Грција, оптоварен со пандемијата на коронавирусот.
Ципрас вети дека ќе се бори против инфлацијата, а за тоа ги обвинува домашните „картели“. Тој најави дека ќе ја зголеми јавната потрошувачка за образование и ќе ги зголеми платите на државните службеници и здравствените работници. Особено остана запаметена неговата изјава од минатата недела.
– Грција има бугарски плати и британски цени – рече Ципрас.
По цела низа тешки кризи (економска криза, должничка криза, бегалска криза, пандемиска криза, енергетска криза), копнежот на луѓето во Грција за враќање на нормалноста и стабилноста е голем. Сепак, нивните надежи дека политичарите можат да им помогнат не се многу големи, пишува во својата предизборна анализа „Дојче веле“.
Притоа медиумот ги презентира одговорите на анкетираните Грци на прашањето што им го постави институтот за истражување на јавното мислење МРБ во својата анкета од 27 април 2023 година: „Кој збор најдобро ги изразува вашите очекувања за иднината на земјата?“ Зборовите „оставка/фрустрација“ ги избрале 42,7 проценти од испитаниците, а потоа доаѓа „лутина“ (40,7 проценти). За разлика од нив, само 13 проценти имаат „доверба“.
На две недели пред изборите, овие анкети покажуваа дека граѓаните имаат мала доверба во конзервативната влада на премиерот Киријакос Мицотакис, а во најголемата опозициска партија на експремиерот Алексис Ципрас веруваат уште помалку.
Последните неколку години резултатите од анкетите не се совпаднаа со реалноста од изборните резултати
Иако Грците исклучително често знаат да прават анкети и да се ориентираат според нив, последниве неколку години се случи резултатите од нив да не се совпаднат со реалноста на изборите. Затоа, се чини дека довербата кон анкетите опаѓа. Сеедно, без разлика на тоа, познавачите на состојбите кај нашиот јужен сосед се согласни дека ниту една партија не ќе може сама да состави нова влада, туку ќе биде потребно да се коалицира со некоја од помалите учесници на изборите.
Во таква ситуација, премиерот Мицотакис се изјасни дека не размислува на коалицирање, туку се надева на повторено гласање, каде што ќе се практикува поинаков изборен систем. СИРИЗА, пак, се надева на таканаречена „прогресивна коалиција“ со социјалдемократите од ПАСОК, за што на двете партии ќе им требаат 151 од 300 места во парламентот.
Треба да се додаде дека во Грција многу често се менува изборниот закон, но, според Уставот, секоја промена се применува само по следните избори. На изборите в недела, за првпат нема да има бонус за најсилната партија, бидејќи владата на СИРИЗА, која беше на функција до 2019 година, го укина ова правило. Актуелната владејачка партија Нова демократија повторно го воведе бонусот. Но тој нема повторно да стапи во сила на претстојните избори, туку на изборите по нив. Тоа значи дека победникот на тие избори ќе добие 50 дополнителни мандати. Со поглед на оваа промена во изборниот закон, Мицотакис се надева дека по изборите на 21 мај нема да се формира влада и затоа ќе бидат закажани нови избори за 2 јули, кои сака да ги добие со помош на бонус-мандатите.
Двете најголеми партии, разбирливо, во прв план пред гласачите ги ставаат своите предности и планови за наредниот период, но кога зборуваат за своите опоненти, на површина се вадат „валканите алишта“ и тука нема милост за никого. Тоа особено дојде до израз изминатиов период, при што поларизацијата на грчкото општество се зголеми, меѓу другото и поради многу ниското ниво на политичка дебата. Во јавната дискусија со месеци доминираат скандали, лажни вести и црна кампања. Особено на социјалните мрежи речиси и да нема простор за размена на аргументи. Сѐ повеќе луѓе мислат дека „сите политичари се еднакви“ – а тоа не говори во прилог на висок одзив на изборите в недела.