Сите филмови ќе бидат прикажани со превод на македонски јазик, а влезот на проекциите ќе биде бесплатен
Во Кинотеката на Македонија во Скопје, од денеска до 21 мај, ќе се одржи 13-то издание на Неделата на италијанскиот филм, ревија на италијански филмови. Оваа година е посветена на темата „Бајки“, интерпретирана како фантастични приказни што нè поттикнуваат да размислиме за реалноста. Фестивалот, организиран од Амбасадата на Италија во соработка со Италијанскиот институт за култура во Белград и националната кинотека на Македонија, ќе биде отворен денеска, во 20 ч., со проекцијата на филмот „Пинокио“ (2019), последно филмско остварување на режисерот Матео Гароне. Филмот е адаптација на познатиот роман „Авантурите на Пинокио – Приказна за една дрвена кукла“ на Карло Колоди. Пинокио, дрвената кукла што посакува да стане дете, е една од најпознатите и најпрепознатливите универзални икони од детската книжевност, а некои од оригиналните концепти од книгата станаа и дел од светската култура, како на пример визуелната метафора на долгиот нос како симбол за лагата.
Во вторник, во 20 часот, ќе се прикажува „Среќниот Лазар“ (2018) на Аличе Рорвахер, добитничка на наградата на Кан за најдобро сценарио, која ја раскажува приказната за еден свет отцепен од реалноста, во кој главниот лик минува низ серија перипетии, меѓу кои и смртта и воскресението.
В среда, во 20 часот, пак, на програмата е филмот „Мрачни приказни“ (2020) во режија на браќата Диноченцо и награден на Берлинскиот фестивал во 2020 година за најдобро сценарио. Дејството се одвива во периферијата на Рим и ги раскажува искуствата на повеќе деца што ги следат и, за жал, ги апсорбираат аномалиите на светот на возрасните.
Филмскиот фестивал ќе продолжи в четврток на 18 мај, во 20 часот, со „Фамозниот напад на мечките во Сицилија“ (2019), филмска анимирана адаптација на романот на Дино Буцати од 1945 година, илустриран од познатиот уметник и автор на стрипови Лоренцо Матоти, што претставува извонредно вкрстување помеѓу популарниот и авторскиот стрип, меѓу бајка и поезија, невиност и свест. В петок, во 20 часот, ќе биде прикажана култната италијанска комедија „Ни преостанува да плачеме“. Во режија и главни улоги ќе ги видиме незаборавниот наполетански глумец Масимо Троизи и тосканецот Роберто Бенињи. Филмот го доловува во целост комичниот дух на приказната во која еден учител и еден училиштен домаќин се наоѓаат на случаен пат низ минатото, и тоа во ерата на ренесансата. Двајцата ќе доживеат уникатни авантури, како средбата со Леонардо да Винчи или обидот да го спречат Кристофер Колумбо да ја открие Америка.
В сабота, во 20 часот, ќе се прикажува „Љубов и џган“ (2017), комедија и мјузикл, во режија на браќата Манети, чие дејство се одвива во Неапол. Филмот, кој освои голем број награди, меѓу кои наградата „Пазинети“ за најдобар филм на Филмскиот фестивал во Венеција, е успешна и забавна мешавина на гангстерски филм со примеси на романтична комедија.
Најпосле, в недела на 21 мај, во 20 часот, фестивалот ќе се затвори со филмот „Фрикс аут“ (Freaks Out) (2021), последно остварување на режисерот Габриеле Маинети. Неговото дејство се случува во еден алтернативен Рим, во полн ек на Втората светска војна и ги следи животите на четворица изроди што имаат супермоќи, работат во циркус менаџиран од Евреин и се обидуваат да ги избегнат контролите на нацистите.
Истата вечер, амбасадорот на Италија, Андреа Силвестри, ќе им додели награди на победниците на натпреварот за превод на содржини поврзани со Италија на веб-страницата на Википедија на македонски јазик (Во фокусот: Италија), организиран во соработка со здружението ГЛАМ и Катедрата за италијански јазик и книжевност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.