За да ја одбележи 20-годишнината од инвазијата врз Ирак предводена од САД, директорот на ЦИА, Вилијам Брнс, стоеше во седиштето на разузнавачката агенција во Ленгли и имаше намера да ги избрка сеништата од претходните разузнавачки неуспеси што ја опседнуваат зградата до денес, пишува „Њујорк тајмс“.
Во обраќањето пред околу 100 функционери од ЦИА во март, Брнс зборуваше како агенцијата катастрофално згрешила во проценката дека Ирак има оружје за масовно уништување. Но, тој навел, според извори меѓу присутните на настанот, дека и други сносат вина. А меѓу нив, мислел на администрацијата на поранешниот американски претседател Џорџ Буш Помладиот, како и Стејт департментот, каде што Брнс работел во тоа време. Тој истакнал дека Стејт департментот имал неосновано мислење оти би можеле да се пореметат плановите за инвазијата.
Брнс додал дека „извлекле поука од таа тешка лекција“. Разузнавачките податоци што ЦИА и другите институции ги собрале за плановите на Русија за инвазија врз Украина, како што истакнал Брнс, претставуваат моќен пример за таквото тврдење.
– Тие ни овозможија да пружиме силно, одлучно и самоуверено предупредување, за да им помогнеме на Украинците да се бранат и да му помогнеме на претседателот да оформи силна коалиција – кажал директорот на ЦИА.
Тоа е потсетување и дека Брнс со децении е сеприсутен актер во американската надворешна политика, служејќи им на сите претседатели уште од Роналд Реган, со исклучок на Доналд Трамп. А тоа претставува и назнака за начинот на кој Брнс, клучна фигура во администрацијата на Бајден за американската поддршка кон Украина, стекна влијание поголемо од повеќето од неговите претходници во ЦИА. Ефектите од неговиот двегодишен мандат во Агенцијата се видливи, според „Њујорк тајмс“.
– Како член на тесниот круг на луѓе во кои Бајден има доверба и како поранешен амбасадор во Русија, Брнс помогна да се врати предноста на САД во однос на рускиот претседател Владимир Путин. Иако шефовите на разузнавањето вообичаено се во сенка, администрацијата на Бајден ги турна нејзините во центарот на вниманието – се вели во написот на американскиот весник.
Во прилог на таквите тврдења нагласено е дека Брнс, а не државниот секретар Ентони Блинкен, бил испратен од Бајден во Москва во ноември 2021 година, каде што телефонски разговарал со Путин. А три месеци претходно Брнс бил и во Кабул за да се сретне со лидерите на Талибанците и да го потврди легитимитетот на режимот додека САД ги повлекуваа трупите од Авганистан. Згора, Брнс е првиот директор на ЦИА што претходно бил дипломат од кариера, цели 32 години.
Ако Бајден освои втор мандат, луѓето блиски до неговата администрација шпекулираат дека Брнс би бил кандидат да го замени Блинкен, ако тој се повлече од функцијата. Брнс одбива да зборува за таквата можност, но неговиот пријател Ричард Армитаж вели дека „тој ќе направи се што претседателот ќе побара од него“.