На штандот на „Колибри“ во Градскиот парк во неделата изложивме дел од сработеното во изминатите години, а на децата што ни даваа цртеж или песничка им подарувавме и книги, донација од издавачката куќа „Македоника литера“. Поделивме вкупно 65 книги, колку што има и свеќички на нашата роденденска торта.Уметниците Живко Поповски-Цветин и Славица Танеска на љубопитните дечиња им подарија многу свои дела, а во делот од манифестацијата наменет за нас имавме и мала свеченост. Гости ни беа писателите за деца: Перо Миленкоски, некогашен уредник на „Колибри“, Васил Мукаетов, кој уште го чува листот со песничката, напишана со перодршка, што ни ја испратил во далечната 1958 г., и Вера Андон, на која ѝ го честитавме роденденот. Цветин за јубилејот на „Колибри“ му ја додели Цветиновата награда за мир, а настапот го украсија второодделенците од ООУ „Ј.А. Коменски“, кои заедно со популарниот Џокси ја испеаја песната „Шарени чадори“
Одбележан јубилејот на омилениот детски подлисток на манифестацијата „Играме заедно пак“
Огромен број деца заедно со своите родители ја искористија сончевата недела за прошетка во Градскиот парк во Скопје и беа дел од инклузивниот настан „Играме заедно пак“, кој по четврт пат се одржува во организација на здружението „Аутизам ААМК“, а иницијатор е Денис Јанкуловски, познат како Космонаутко.
Во рамките на овој настан единствениот додаток за деца во дневниот печат во Македонија, „Колибри“, го прослави своето шеесет и петгодишно постоење онака како што прилега, со многу гости, со подароци, со награди и со многу детски насмевки.
Младите креативци ќе ја продолжат мисијата
– Поубаво место за прославување на роденденот не можевме да замислиме. На штандот на „Колибри“ изложивме дел од сработеното во изминатите години, а на децата што ќе даваа цртеж или песничка им подарувавме и книги, донација од издавачката куќа „Македоника литера“. Поделивме вкупно 65 книги, колку што има и свеќички на нашата роденденска торта – изјави уредничката на „Колибри“, Марија Таушанска.
Уметниците Живко Поповски-Цветин и Славица Танеска на љубопитните дечиња им подарија многу свои дела, а во делот од манифестацијата наменет за нас имавме и мала свеченост.
Младиот поет Филип Димкоски, кој заедно со Славица Танеска, уште од основно училиште е присутен на страниците на „Колибри“, беше водител на нашиот блок.
– Посебно е чувството кога во списанието со кое си растел создаваш содржини со кои растат сегашните деца. Таков е случајот со сликарката Славица и со мене. Тринаесет години во шеесет и петте на „Колибри“, за мене се среќен удел во една долга историја. Ѝ благодарам на уредничката Таушанска што ми овозможи нејзиното „Колибри“ да биде и мое. Поетот Мукаетов ми рече заедничката фотографија од овој настан да ја чувам и да ја покажам на стогодишнината од „Колибри“. Тоа особено ме трогна на овој настан, бидејќи „Колибри“ ги собра сите генерации и ги сплоти во мисијата за среќно детство -рече Филип Димкоски, поет, новинар и преведувач.
Назад во времето нѐ вратија поетот и поранешен уредник Перо Миленкоски и писателот Васил Мукаетов, кој, верувале или не, сѐ уште ја чува песничката што во далечната 1958 година ја испратил до „Колибри“.
– Дваесет и две години бев новинар во „Нова Македонија“, од кои тринаесет ги поминав како уредник на една од моите најголеми љубови, додатокот „Колибри“. Никогаш нема да ги заборавам вторниците кога се продаваа по петнаесет илјади примероци повеќе „Нова Македонија“ токму поради „Колибри“. Наши постулати во уредувачката политика беа „Колибри“ да информира, да образова, да забавува и да наградува. Мило ми е што тие постулати и денес се водечки во создавањето на „Колибри“ – истакна писателот Перо Миленкоски, кој ја наследил уредничката палка веднаш по иницијаторката на „Колибри„ и негова уредничка Евгенија Шуплинова.
По него, неколку години уредник на подлистокот беше познатиот писател за деца Наум Попески.
Дел од прославата беше и писателката Вера Андон, која од дете е присутна на страниците на омиленото детско гласило, па делејќи ја радоста со „Колибри“, таа го прослави својот роденден.
Цветинова награда за мир за 65 години „Колибри“
Хуманитарецот Живко Поповски-Цветин, по повод роденденот на „Колибри“, на сегашната уредничка Марија Таушанска ѝ ја додели Цветиновата награда за мир, за посебен придонес во мисијата „Цвеќе на мирот“.
– Триесет и две години другарувам со „Колибри“, а со својата хумана страница и со поддршката на мирот, хуманоста и толеранцијата „Колибри“ дефинитивно ја заслужува Цветиновата награда за мир – истакна Цветин.
Тој посака уште долго да соработува со „Колибри“.
– Каде се децата, таму секогаш се мирот, среќата и детските насмевки. Оваа награда им е посветена на сите поранешни и идни уредници на „Колибри“, како и на сите што на кој било начин учествувале во неговото создавање. И во иднина, секој вторник ќе продолжат да излегуваат четирите насмеани страници и да ги радуваат најмладите читатели на „Нова Македонија“ – истакна Таушанска.
Како шлаг на славеничката торта беше настапот на второодделенците од ООУ „Јан Амос Коменски“ од Скопје, кои заедно со популарниот кантавтор Џина Папас-Џокси ја исполнија песничката „Шарени чадори“ и на крајот сите гласно му го честитаа роденденот на „Колибри“.
Многу деца и родители со радост ги разгледуваа страниците на Колибри на нашиот штанд и ги искажаа својата радост, почит и благодарност за долгогодишното постоење на нивното списание. Меѓу сите наши читатели беше и едногодишната Дарија, чиј татко секој вторник купува печатено издание на „Колибри“ и ѝ чита на својата ќеркичка.
Инаку, меѓу учесниците на настанот беа и дечињата од градинките „25 Мај“ и „Спирит“, ДУЦОР „Партениј Зографски“, фолклорното друштво „Етнос“, ученици од ОУ „Кузман Ј. Питу“, танчарите од „Данса латина“, Тијана Периќ, членовите на градскиот инклузивен хор „Ветерница и трисомија“, МБУЦ „Илија Николовски-Луј“, Мето ди Флеш и многу други.