Македонската дипломатија не постои и се сведува на трка на поединци со желба за амбасадори каде поважно е чија суета ќе се погали, наместо некој државен проблем да се реши. Таму во МНР се прават лични аранжмани, но не и дипломатија. Затоа се и поразите и срамовите, истакна на вечерашната трибина на тема „Надворешна политика“, лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Пред членовите и симпатизарите на ВМРО ДПМНЕ во Битола, Мицкоски повтори дека нема да гласаат за уставни измени во актуелниот собраниски состав.
-Треба да знаат дека попуштање нема да има ниту милиметар од страна на ВМРО-ДПМНЕ и дека уставните измени нема да им поминат нема да има уставни измени под бугарски диктат и во овој состав на Парламентот. Ќе конструираат судски пресуди и судски случаи против раководството на ВМРО-ДПМНЕ и против ВМРО-ДПМНЕ затоа што знаат дека тоа е бедемот. Затоа што знаат дека тоа е браникот на македонскиот национален интерес јас можам од овде од Битола да им порачам тој е толку цврст што ќе ве надживее вас ќе ве порази – посочи Мицкоски.
Потсетувајќи на актуелните општествено-политички состојби во земјава, Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ не е против градење на новите патни коридори, но е против крадење и го повика премиерот Ковачевски на јавен медиумски дуел.
– Имам една јавна понуда до Димитар Ковачевски, самите велат дека се транспарентни, а бидејќи јавноста заслужува одговори, заслужува да знае како се трошат милијардите на народот. Ајде да излеземе на дуел, бегаш од избори, бегаш од соочувања на различни теми, ајде да излеземе на дуел, очи во очи и јавно да се соочиме само за овој договор. Ако работеле чесно, ако имаат чесен квалитетен договор кој нуди иднина, ќе се појави на дуел – посочи Мицкоски.
Според лидерот на опозициската ВМРО ДПМНЕ, нивната партија ќе победи на претседателските избори и на парламентарните избори на кои очекува мнозинство со 61 пратеник.
– Со победата ќе ставиме крај не само на поразите во дипломатијата, туку и на корупцијата во судството. Оние превирања во судството и обвинителството се всушност борба на фракции и внатрешно незадоволство од истиот колач кој го делат. Затоа е потребна катарза, проветрување кое ќе ги однесе корумпираните на заслужено место и ќе им даде шанса на чесните и професионалците. Судството не треба да биде нечија партиска армија, туку заштитник на правдата, колку и таа да е болна, и колку да е непријатна. На следните избори треба да избереме претседател на народот, и треба да избереме Влада на народот, а за тоа ни е потребна убедлива победа на претседателскиот кандидат позади кој што ќе застане ВМРО-ДПМНЕ и 61 пратеник во Парламентот – посочи Мицкоски.
На трибината „Надворешна политика“ во Битола говореа и Тимчо Муцунски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, пратеникот Антонио Милошоски, Марија Митева, Тодор Конески и градоначалникот Тони Коњановски.