Затоа треба да научите да затворате одредени расправи со вакви луѓе. Особено со нашиве ендемски политички „идиоти“, кои арогантни во глупоста ви ги трошат времето и енергијата што може подобро да се искористи на друго место. Имајте на ум дека кога се расправате со некого, не се расправате само со таа личност во вакуум
Несомнено Зоран Заев остави траен личен белег на македонското политичко тело на безброј начини. Но еден од помалку дискутираните аспекти на начинот на кој овој несуден нобеловец засекогаш ја промени оваа земја е како на неквалификуваните „идиоти“ им даде голема самодоверба да веруваат дека и тие треба да се кандидираат за високи политички функции. Настрана од тоа што квалитетните кандидати беа маргинализирани и исфрлени од политичката борба, друг аспект на неговото влијание е тоа што тој беше, а и неговата партија остана, магнет за неискусни, неспособни и едноставно чудни љубители на политиката. Неговиот кадар и неговите наследници се школски пример дека посткомунистички човек може да биде ослободен од комунизмот, но не и од сопствената глупост и идиотизам. За ова треба сериозно да се размислува, но македонското општество одбива да го стори тоа.
Сигурно малкумина знаат дека зборот „идиот“ всушност потекнува од демократијата во античка Грција. Пред илјадници години, грчки граѓанин што покажал незаинтересираност за политиката бил означен како „идиот“; што буквално значело „приватно лице“, термин што бил употребен за потсмев во тоа време. Денес е спротивно: треба да си целосен идиот за да се инвестираш во оваа и ваква политика. А богами имаме такви во изобилство. И доаѓам до поентата на оваа колумна цитирајќи го Марк Твен: „Никогаш не расправај се со идиоти. Ќе те повлечат на нивно ниво и ќе те победат со искуство“. Тоа значи дека никогаш не треба да се расправате со глупави луѓе, бидејќи тие нема да дебатираат со факти и логика, туку со емоции и нелогични и неважни информации. Колку и да се расправате со нив, тие нема да се променат. Тие нема да го променат начинот на кој размислуваат или дејствуваат, дури и кога објективно ќе се докаже дека не се во право. Вашите аргументи немаат ефект врз „идиотот“ со кој се расправате; всушност, треба искрено да се шокирате ако тие воопшто имаат некаков ефект. Неразумна е причината за продолжување на расправата со некој што покажал дека е имун на разумот, доказите, логиката и фактите. Во вакви случаи, немојте да се расправате со „идиотот“ за доброто на „идиотот“, зашто го преценувате неговиот интелект. А го потценувате својот.
Повеќето луѓе кај нас во политиката, особено онаа на власта, не се навикнати на разумни расправи. А, ако влезете во расправа, ќе ве победат преку глупоста, во која се искусни. Искусни во глупоста на нивните аргументи, но неспособни да сфатат мислења различни од нивните. Затоа јадните веруваат дека нивното мислење е единствената можна вистина таму. Со многу мала отвореност кон различни идеи и искуства нашите политички „идиоти“ развиваат ригиден начин на размислување, неспособни да ги променат сопствените ставови. Би рекол дека нема победа кога станува збор за „идиоти“ и идеолошки опседнати луѓе. И затоа треба да научите да затворате одредени расправи со вакви луѓе. Особено со нашиве ендемски политички „идиоти“, кои арогантни во глупоста ви ги трошат времето и енергијата што може подобро да се искористи на друго место. Имајте на ум дека кога се расправате со некого, не се расправате само со таа личност во вакуум. Вие во расправата со личност во (се надеваме) привремена состојба на идиотизам не го намалувате нето-количеството на идиотизам во државата. Напротив, ја истакнувате корисноста на идиотите во политиката и ментално се загадувате.
Денес, кога ги гледам политичките дебати, не можам да се оттргнам од впечатокот дека многу малку идиоти се вистински идиоти. Всушност, начинот на кој го операционализирам „идиот“ за оваа колумна не е нужно судење за интелигенцијата на една личност колку што е процена на квалитетот на неговата интеракција на спорна тема. Навистина, многу луѓе што можат безбедно да се наречат „идиоти“ не расправаат со аргументи затоа што не се способни да го сторат тоа, туку го прават тоа експлицитно и цинично како реторичка тактика да ве фрустрираат, да го заматат прашањето, да оттргнат од доказите што ја поткопуваат нивната позиција, или едноставно да се биде „шупак“ заради себе. Погледнете ги и слушнете ги последните расправи околу изградбата на коридорот 8 и дубиозите што ја следат власта во контекст на договорот за неговата реализација. Значи, ако сакате да се расправате со „идиоти“, свесно го преземате ризикот од интелектуална лична деградација, никако да дебатирате за сопствено задоволство. Затоа, да се расправаш со идиоти, како што оди еден цитат, е „како да играш шах со гулаб. Колку и да сте добри, птицата ќе се ’сере’ на таблата и ќе шета наоколу како да победила“. Баш како кај нас во политичките дебати. Е, тоа е новиот квалитет на идиотизмот во Македонија.