Несовесните моторџии кои јурат „со брзина на светлината“ низ Градскиот парк се закана за останатите посетители, деца, родители и возрасни

Секој мир и спокојство останаа засенети од високодецибелниот звук на турирањето на мотоциклистите, кои крајно невнимателно итаа низ уличките каде што, освен со возрасни, беше преполно со мали дечиња на тротинети, ролерки и велосипеди. Во моментите кога наидуваа младите моторџии, на лицата на родителите се гледаше анксиозност, стравувајќи за своите деца, за да им кажат да застанат мирни додека не поминат моторџиите

АТАКА НА ГРАДСКИОТ ПАРК ОД НЕСОВЕСНИ МОТОЦИКЛИСТИ

Споениот викенд добро им дојде на скопјани, па оние што не заминаа некаде надвор од градот максимално го искористија убавото време на излетничките места во Скопје и околината. Најчести посетители секако беа родителите со мали деца, кои го развеселуваа секој простор во околината. Детски џагор испреплетен со звуци на тротинети и велосипеди имаше насекаде. Секако, имаше и такви што ја нарушуваа оваа идила, високодецибелно брмчејќи со моторите и возејќи невнимателно.

ПРЕПОЛНО СО ПОСЕТИТЕЛИ, НО ПОЛНО И СО НЕДИСЦИПЛИНИРАНИ МЛАДИ МОТОРЏИИ

Водно, Матка, Скопска Црна Гора, центарот на градот, Кучково и, секако, Градскиот парк беа преполни со посетители, откако добија уште еден споен празничен викенд. Оние што останаа во главниот град го искористија убавото време во прошетки со своите семејства, а тука беа и најмалите, за кои убавото време е можност да бидат надвор, каде што квалитетно ќе го поминат времето со своите родители или другарчиња.
Градскиот парк беше преполн со посетители. Дечиња, миленичиња, млади семејства, но и голем број тазе венчани, кои својата фотосесија ја правеа токму во саботата, претставуваа празник за очите, бидејќи паркот одамна не бил толку полн. Имаше забава за сите. Сладоледи и кафиња се продаваа во мобилните кафулиња, балони и детски играчки на почетокот на паркот, па, така, имаше добра понуда за сечиј интерес.
Кај сите посетители можеа да се забележат задоволни лица. Спокојството што го нуди паркот е единствено искуство, бидејќи такво нешто нема никаде во градот.
Но секој мир и спокојство останаа засенети од звукот на високите децибели на моторите на мотоциклистите, кои крајно невнимателно итаа низ уличките, каде што, освен со возрасни, беше преполно со мали дечиња на тротинети, ролерки и велосипеди. Во основа, искуствата на граѓаните со моторџиите, особено со нивните здруженија, се многу добри. Тие дури и во минатото учествувале во различни хуманитарни акции, како и во проекти од областа на безбедноста на сообраќајот. Иако моторџиите со својот стил, облеката и нивните машини, изгледаат можеби застрашувачки, многубројни се примерите кога тие им помагаат на дечињата и учествуваат во акции на зачувување на природната околина.
Но овој пат новопечените моторџии, поединци и групи помлади луѓе, управувајќи ги своите мотори, нарушија низа принципи на добро однесување, етика, безбедност и сигурност.
Во моментите кога младите моторџии наидуваа, на лицата на родителите се гледаше анксиозно шетање со очите за да ги најдат своите деца и да им кажат да застанат мирни додека не поминат моторите.
Глетката, мора да признаам, воопшто не беше убава. И јас сум родител, и јас бев меѓу тие анксиозните што панично трчаа по своите деца, од страв да не настрадаат под бесните тркала на младите момчиња.

ИНЦИДЕНТИТЕ СЀ ПОЧЕСТИ

Сепак мора да се воведе некаков ред во паркот, нели?
Ако е паркот шеталиште каде што единствено нешто што е дозволено да се вози се велосипеди, зошто тогаш упорно се дозволува негово загадување и узурпирање со мотоцикли?
Дополнително, се загрозува безбедноста на сите минувачи, а особено на децата, кои сѐ уште го развиваат инстинктот на претпазливост и внимание.
Да не бев лично присутна, ќе помислев дека некој можеби и ја преувеличува работата, но не.
Станува збор за млади момчиња на веспи и скутери од по 15-16 години, можеби и помлади. Дали да се направат интересни или, што би се рекло фраери, тие не гледаа каде возат, важно беше да возат што е можно побрзо за да ги покажат своите моторџиски вештини.
Во еден момент дури и се случи инцидент, кога едно момче мораше нагло да закочи поради излетана топка токму пред неговите тркала. Детето трчаше по топката, но, за среќа, родителот успеа да го стигне за да спречи посериозен инцидент.
Момчето исплашено избега. Родителот гневно почна да вика, а и имаше право.
Многу од родителите дофрлаа за несоодветното однесување на момчето, други ги бараа неговите родители, но залудно. Момчето замина, стресот остана.
Колку што успеав да видам, родителот и другите членови на семејството си го собраа распосланото ќебе и заминаа. Ја напуштија оазата на безбедност и мир, оазата каде што дете смее слободно да трча без да гледа лево-десно, бидејќи тука моторни возила нема.
Е па, за жал, можеби автомобили нема, меѓутоа од мотори врие.
Градскиот парк има хроничен проблем со оваа појава. За жал, оваа нема да е ниту последна. Речиси постојано, да не речам цело лето, се објавуваат фотографии на социјалните мрежи од возила што возат по парковските улици. За моторите веќе никој не ни говори, затоа што станаа задолжителен инвентар.
Сепак се чини дека ќе мора да се преземе нешто, бидејќи повеќе не може да се функционира вака. Можеби сообраќајната полиција треба да започне и тука да санкционира, па на тој начин конечно да се дефинира кој и каде смее да се движи, бидејќи велосипедските патеки во паркот не се за мотори, туку за велосипеди, ниту се за пешаци.
Ако се санкционираат како последна надеж, можеби ќе се намали проблемот со неконтролираното узурпирање на парковските улици, чиј благодат треба да го користат сите, не само моторџиите.

[email protected]