Изложбата „Саботна ноќна треска“ на Марија Ветероска, Игор Сековски и Иван Блажев ќе биде отворена вечерва, 1 октомври, во 19.30 часот, во македонскиот Културно-информативен центар во Белград. Изложбата ќе ја отворат директорот на КИЦ, Васко Шутаров, и кураторката д-р Ана Франговска.

Премиерно претставена во Скопје во 2024 година, изложбата пред белградската публика ќе биде поставена во форма приспособена на изложбениот простор на КИЦ. Тројцата автори обработуваат заедничка тема низ различни уметнички изрази. Сековски и Ветероска се претставуваат со дела што комбинираат видео и просторна инсталација, а Блажев со серија фотографии.

Во придружниот текст, Франговска посочува дека насловот „Саботна ноќна треска“, иако асоцира на дружење, славење и енергична урбана култура, во овој проект добива иронично значење и станува критика на современото разочарување од Скопје.

Преку своите дела, уметниците ја истражуваат социјалната, психолошката и урбаната фрагментација на градот. Според кураторката, изложбата ја надминува носталгијата по некогашниот ноќен живот и отвора прашања за отуѓувањето и за живеењето во град што изгубил голем дел од своето сврзно ткиво.

Изложбата се реализира со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам, во рамките на годишната програма за проекти од областа на меѓународната соработка, и ќе биде поставена во КИЦ во Белград до 1 ноември.