Агенцијата за национална безбедност (АНБ), во координација со Министерството за внатрешни работи (МВР) и Основното јавно обвинителство (ОЈО), презела истражни дејствија против македонски државјанин за кој постои сомнение дека е поврзан со странски фактори и пропагандна мрежа активна во македонскиот медиумски простор, информираат од АНБ во соопштение до медиумите.
Според информациите од АНБ, активностите биле спроведени на 18 септември 2026 година, а се однесуваат на сомнежи за кривични дела поврзани со ширење говор на омраза, оддавање службена тајна и дистрибуција на расистички и ксенофобичен материјал преку компјутерски систем.
При претрес во домот на осомничениот биле пронајдени и одземени предмети кои во моментов се предмет на дополнително вештачење.
Од АНБ информираат дека станува збор за активности насочени кон откривање и спречување на пропагандна мрежа која, според нивните наводи, преку повеќе портали регистрирани со македонски интернет домен ширела дезинформации и влијаела врз јавниот дискурс.
– Вистинските актери на оваа пропагандна мрежа се кријат преку клонирани псевдо-портали регистрирани со македонски интернет домен – наведуваат од Агенцијата, додавајќи дека преку нив се вршело преобликување на наративи за актуелни настани и се поткопувала довербата во институциите.
АНБ тврди дека мрежата била поврзана со активности „во функција на руските интереси“, како и со регионални проруски политички структури, преку кои, според Агенцијата, се влијаело врз јавните ставови и стратешките евроинтегративни процеси на земјава.
Ова, како што информираат од АНБ, претставува продолжение на претходно преземени активности против лица за кои постоеле сомненија за поврзаност со слични пропагандни мрежи. За еден македонски државјанин претходно била поднесена кривична пријава за „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ според член 394-г од Кривичниот законик.
Од Агенцијата најавуваат дека ќе продолжат со активности за откривање и спречување на, како што велат, субверзивно-пропагандни активности поврзани со странски влијанија.



































