Пресингот на јавноста, пред сѐ ефектуирањето на протестот на Здружението на археолози на Македонија, резултираше групата пратеници-предлагачи да го повлечат предлогот за измени на Законот за заштита на културното наследство од сетот на деветте закони што треба да претрпат измени за да се овозможи побрза изградба на автопатиштата на коридорите 8 и 10Д, во изведба на конзорциумот „Бехтел-Енка“. Со повлечениот предлог за измена на законот требаше да му се овозможи на странскиот инвеститор да не ја прекинува работата доколку наиде на археолошки наоди или артефакти. Археолозите, непосредно пред почетокот на седницата, на протест предупредија дека пратениците ќе направат кривично дело доколку гласаат за измените, зашто со нив се озаконува уништување на културното наследство и се прекршуваат низа домашни закони и меѓународни договори и ратификации. Сепак, археологот Силвана Блажевска, кустос-советник во националната установа „Стоби“, предупредува дека со повлечениот закон не се отстранети сите опасности за загрозување на археолошкото културно наследство, а стапиците се кријат во Законот за градење и Законот за просторно и урбанистичко планирање
Интервју со Силвана Блажевска, археолог, кустос-советник во националната установа „Стоби“
Предлогот за измени на Законот за заштита на културното наследство беше повлечен од собраниската процедура за измени на деветте закони, во интерес на поголема ефикасност за изградбата на коридорите 8 и 10Д. Кој дел од законите што влегоа во Собрание, за изградба на автопатишта во Македонија, беше причина за реакцијата на археолозите, односно на Здружението на археолози на Македонија?
– Археолозите, се разбира, реагираа во врска со предлогот на пратеничката група за измени во Законот за заштита на културното наследство, еден од деветте закони што беа на дневен ред во Собранието предвидени за измена заради т.н. „ефикасно изведување на работите на изградба на коридорите 8 и 10Д‟. Со предлогот се бараше вметнување еден став во членот 65, со што се исклучува самиот член 65, но и членовите 66, 67 и 129, кои ја регулираат постапката при случајно откритие на археолошко наоѓалиште или предмети со археолошко значење.
Со тоа бараа не само заобиколување туку целосно игнорирање на Законот на заштита на културното наследство, надлежните институции и целиот воспоставен систем на заштита, што е без преседан во една современа држава. Обидот да се пренесат ингеренциите за заштита на археолошките наоѓалишта по трасата на коридорите 8 и 10Д на надзорниот инженер нема да го коментирам. Да не е трагично, ќе беше смешно. Ако не беше повлечен предлогот, ќе покажевме дека ние не сме ниту современа ниту демократска држава во која владее правен поредок. Малку фалеше, одлучувачките структури во државата да дозволат тотално и бескрупулозно уништување на културното наследство.
Неспорно е дека добрата инфраструктура е од голема важност за државата и за граѓаните, ама и историјата и културата на државата се од исто толку голем јавен интерес. Во нормалните држави во светот се менуваат траси на важни автопатишта доколку е загрозено културно наследство или, пак, доколку студиите за оправданост покажат дека изградбата ќе има негативен ефект на природната средина или загрозува ендемски видови на флора и фауна. Кај нас се бара да се гради без проект, а студиите за влијанието врз животната средина, природното и културното богатство се очигледно непознати зборови.
Незамисливо е како е воопшто можно вакво нешто да се предложи од пратеници во Собранието, законодавен дом што треба да ги штити интересите на граѓаните и државата.
Не може да се каже дека ова е обид да се намали значењето на „историски важниот проект за државата, а притоа со неговата изведба да се урниса правниот систем со игнорирање на не еден туку девет закони и да се дозволи губење на непроценливи информации и предмети од значење за историјата и културата.
Не сме единствена држава во светот што гради патишта. Оние што одлучуваат, треба само да ја дигнат главата и да ги согледаат бенефициите од повеќе истражени, заштитени и презентирани локалитети. Не мора да бараат далеку, доволно е да погледнат во соседството. Ќе го земам за пример јужниот сосед, кој исто така презеде огромни инфраструктурни зафати, но во ниеден момент не им падна напамет да ги заобиколат сопствените закони или да уништат археолошки локалитети. Напротив, големи и значајни откритија се најдени во текот на заштитните ископувања преземени при изградбата на патиштата, кои сега се туристички атракции покрај црните ленти асфалт, а предметите привлекуваат милиони посетители во музеите.
Сепак, очигледно преовладеаја свеста и разумот, па предлогот беше повлечен.
Имате ли сознанија кои археолошки локалитети во земјава би биле загрозени при изведба на градежните активности?
– Тука е всушност поголемиот проблем. Не е позната точната траса на коридорите 8 и 10 и не можеме да знаеме кои од евидентираните археолошки локалитети ќе бидат загрозени со изградбата. Претседателите на Македонското археолошко друштво и на ИКОМОС – Македонија во вчерашните изјави за медиумите посочија дека засега најголем проблем се делниците Требеништа – Струга – Ќафасан, која е дел од светското културно и природно наследство на Охридскиот Регион под заштита на УНЕСКО, и Битола – Прилеп, каде што има голем број локалитети.
Ако вчера успеавме да ги спречиме измените во членот 65 од Законот за заштита на културното наследство, кои се однесуваа на случајно откриени нови локалитети, што ќе се случува со познатите и евидентирани локалитети што би се нашле на трасата на коридорите. Во такви случаи, инвеститорот за да добие одобрение за градење треба претходно, врз основа на доставениот проект, да добие мислење од Управата за заштита на културното наследство, која го упатува на постојни локалитети на локацијата за градба и наложува заштитни археолошки истражувања, кои ги води надлежен конзерваторски центар односно Заводот за заштита. Од друга страна, Законот за заштита ја дефинира интегрираната заштита како „склоп од мерки за зачувување и активно вклучување на недвижното културно наследство во животот на заедницата како фактор на одржлив општествен развој, особено во областа на планирањето и уредувањето на просторот, инвестициската изградба, заштитата на животната средина и природа“, кои се уредени со членовите 69 до 75. Со нив се уредуваат мерки за задолжително вклучување на недвижното културно наследство во урбанистичките и просторни планови преку вградување заштитно-конзерваторски основи одобрени од Управата за заштита на културното наследство или, пак, заштитно-конзерваторски услови доколку на просторот не постои урбанистички план.
Затоа ова повлекување на предлогот за измени во членот 65 од Законот за заштита се чини Пирова победа. Законот за заштита е тесно поврзан со Законот за градење и Законот за просторно и урбанистичко планирање, па изгледа дека битката е извојувана, ама тука не е крајот. Сега е клучно да се види какви измени се предвидени во овие два закона и дали тие измени би ги загрозиле постојните локалитети на трасата на коридорите.
Свесни сме дека за инвеститорите археолошките локалитети се пречка, процедурите се долги, ископувањата побаруваат финансиски средства и можат да ја забават изградбата, но тие се тука со илјадници години и милениуми. Очигледно треба уште многу да се работи на издигнување на свеста кај сите за значењето на нивната заштита и бенефицијата што ја имаат за граѓаните и за државата.