Во рамките на меѓународниот натпревар „Хипо 2023“ (Hippo 2023), кој го нарекуваат и Олимпијада по англиски јазик, на првото одмерување на силите во новоформираната категоријата есеи, ученичката од 5-1 одделение Софија Златареска, под менторство на наставничката Зорица Трајаноска, го направи гордо училиштето „Климент Охридски“ од Прилеп. Таа го освои првото место во нејзината категорија, а со овој успех училиштето се вброи меѓу најдобрите во светот. Успешната приказна на Софија ќе се најде во првата книга со творбите на сите годинашни учесници, која ќе биде издадена наскоро, за да им користи на учениците и на наставниците како наставно средство.
Златаревска вели дека отсекогаш го сакала англискиот јазик, а ова не ѝ било првпат да биде учесничка на „Хипо“, но првпат освојува награда.
– Првата година кога учествував не влегов во полуфинале само за половина поен. Сепак не се обесхрабрив и си реков дека додека не успеам, нема да престанам да учествувам. Оваа година повторно не влегов во полуфинале за еден и пол бод и бев малку тажна, но кога дознав дека сум првонаградена за мојот есеј, бев среќна – вели Софија Златареска.
Нејзината менторка, наставничката Зорица Трајаноска, е особено горда на овој успех на Златаревска, а првите луѓе на училиштето истакнуваат дека нивните ученици се вистински амбасадори, не само на училиштето туку и на градот Прилеп и на цела Македонија.
– Со сите овие награди на светско ниво, ООУ „Климент Охридски“ од Прилеп докажува дека е вистински расадник за млади таленти што одлично го познаваат англискиот јазик. Исто така постигнатиот успех е доказ дека имаме висококвалитетен кадар – изјави Ахил Јаков, директор на ООУ „Климент Охридски“.
Учениците од ООУ „Климент Охридски“ ги собраа речиси сите награди и на општинскиот натпревар по англиски што се одржа пред три недели.
Но ова не е крај на постигнатите резултати, бидејќи нивните ученици продолжуваат да редат успеси на натпреварот „Хипо“. Во полуфинале на меѓународниот натпревар по англиски јазик се постигнати значајни успеси во неколку категории.
Во „Литл хипо“ (Little Hippo) продолжуваат учениците Илин Десоски, Таиса Штаргоска, Мила Димеска и Никола Талевски; во „Хипо 1“ продолжуваат учениците Јана Иваноска, Теа Бурнеска, Сара Илиоска, Деа Оропан и Анастасија Јагуриноска; во „Хипо 2“ продолжуваат Вања Ѓорѓиоски, Марија Димоска и Јоана Талеска; а во „Хипо 3“ ќе се натпреваруваат учениците Матеа Ацевска и Андреј Пејоски.
Ка.М.